Владејачката ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори соопшти дека со освоените 550 советнички места низ целата држава и градот Скопје, како и над 300 илјади гласови, ја потврдила довербата од граѓаните.
Од партијата наведуваат дека имаат раст од 82 советнички места, односно за 17,5 проценти повеќе во однос на претходните локални избори.
„Од другата страна, опозицијата предводена од СДС освои околу 230 советници, што е за 166 помалку од минатите избори или за 42 проценти помалку места во советите. СДС има и значително намалување на гласовите, со освоени околу 126.000 гласа, што е за 111.000 помалку од локалните избори во 2021 година“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека резултатите се должат на големиот број реализирани проекти на локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои градинки, училишта, здравствени домови, пазари, канализациски мрежи, субвенции за инвертер клими, велосипеди, електрични тротинети и финансиска поддршка за социјално ранливи категории.
„Ова е одличен стимул дека сме на прав пат и дека треба да продолжиме со работа за граѓаните. Затоа е важно на 2 ноември граѓаните повторно масовно да излезат и да го заокружат бројот 9“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.