Дубровник е бисер на хрватското крајбрежје, а сѐ повеќе ги привлекува американските туристи кои сѐ почесто го нарекуваат „Калифорнија во Европа“.
Според податоците на локалните власти, во првите десет месеци од годинава, таму пристигнале речиси 239.000 Американци, што е раст од 14 отсто во однос на истиот период минатата година.
Со тоа Американците им се приближиле на Британците кои и натаму се најбројниот дел од туристите, со вкупно 260.000 посети во 2025 година.
Поголем дел од посетителите доаѓаат поради средновековната архитектура на Стариот град која послужила и како главно место за снимање на популарната серија „Game of Thrones“.
Снимањето на уличките, градските ѕидини и карактеристични црвени кровови, овозможило создавање на познатите сцени на „King’s Landing“, а градот и денес привлекува бројни фанови на серијата.
Но, Дубровник нуди многу повеќе од своите телевизиски врски.
Јулиа Херцег, истакнува дека градот има богата историја која датира 1.400 години наназад.
„Дубровник е прекрасен, а историјата која ја има често останува во сенка на серијата. Би препорачала на сите да ги истражат и другите традиционални локалитети, но и кујната“, изјавила таа за „Daily Mail“.
Проблем? Високите цени
Градот има околу 41.000 жители, но таа бројка расте на повеќе од 50.000 поради доаѓањето на крузерите.
Туристите со задоволство ги посетуваат знаменитостите поврзани со „Game of Thrones“, но исто така голем дел од Американците веќе живеат таму.
Александре Шмидт, Американка која живее во Дубровник истакнува дека градот привлекува и поради географијата, историјата и гастрономијата.
Шмидт и сопругот Доменико Хајдиќ ја водат туристичката агенција „Mindful Travel Croatia“ која организира приспособливи патувања низ далматинското крајбрежје.
„Дубровник и Хрватска се идеална дестинација за американските туристи кои сакаат да го комбинираат луксузното сместување со културни и гастрономски богати искуства – од дегустација на вина до излет со брзи бродови“, вели Шмидт.
Таа препорачува туристите освен стариот град да ги посетат и околните подрачја како Дубровничко-неретванска Жупанија и Конавала, познати по лозјата и традиционалната храна.
„Луѓето често доаѓаат само на еден ден или два и остануваат сконцентрирани на стариот град. Оние кои остануваат повеќе дена имаат значително подобро искуство“, додала таа.
Цените во Дубровник растат, особено во рестораните и хотелите, нагласува „Daily Mail“.
Цена на ноќевање во хотел е околу 275 евра, додека пак луксузно сместување може да се најде и до 800 евра.
Пиво чини 5 до 7 евра, чаша вино 10 евра, а главно јадење од 18 до 30 евра.