Ако сте расположени за есенски „city break“, Братислава секогаш е совршен избор за истражување на нови дестинации што сепак ни се релативно блиску. Најголемиот и главен град на Словачка е преполн со историски богатства и знаменитости што оставаат без здив. Со своето историско јадро на источниот брег од Дунав и модерниот дел на градот на запад, тука секој ќе најде нешто за себе.
А кога веќе сте таму, задолжително посетете еден од најфотографираните споменици во словачката престолнина. А тоа е, секако, прочуениот Чумил — работникот задолжен за одржување и поправка на канализацијата!
Целта му била да ја „разбие“ монотонијата на архитектурата од комунистичката ера
Но, што всушност прави овој бронзен воајер, како што го нарекувале некои постојани шегобијци? Дали е само дрзок, па без нималку срам ѕирка од шахтата за да ѕирне под здолништата на жените? А можеби е само типичен работник кој заклучил дека набљудувањето на светот е поинтересно од работата — или едноставно ужива во заслужен одмор по напорен ден на работа?
Оваа мистерија, сепак, ќе мора да ја решите сами!
Но како и да е, симпатичниот Чумил ќе го најдете во стариот дел на Братислава, на прометната раскрсница меѓу улиците Лауринска и Пашка.
Овој необичен споменик е дело на словачкиот скулптор Виктор Хулик — уметник кој одиграл клучна улога во модернизацијата на градот. Поставен е во 1997 година со цел да ја „разбие“ монотонијата на архитектурата карактеристична за комунистичката ера, а во меѓувреме станал неверојатно популарен и кај локалното население и кај туристите.
Пешаците се сопнуваат од него, а возачите во неколку наврати му ја „скинале“ главата
Имено, откако Словачка прогласи независност во 1993 година, Братислава почна да го „дотерува“ својот имиџ и да се оддалечува од сивата и мрачна комунистичка историја. Во тој контекст, новите споменици биле замислени како креативни проекти што ќе им вдомат нов живот на улиците и ќе внесат доза хумор.
Чумил, се разбира, совршено се вклопил во таа приказна.
Со широка и малку заводлива насмевка на лицето, тој ѕирка од шахтата и љубопитно го набљудува светот околу себе.
Редовно го посетуваат туристи од сите краеви на светот, а некои буквално легнуваат на улицата (некои дури и седнуваат на неговата глава) за да се фотографираат со него. Неговата популарност во еден момент пораснала до таа мера што Чумил станал и потенцијално опасен. Пешаци се сопнувале од него, а откако невнимателни возачи неколку пати му ја „симнале“ главата, градските власти биле принудени да постават знак за предупредување точно над споменикот, за да го обележат неговото присуство!
Ќе ве разнежни приказната за чистачот кој несреќно се заљубил во убава девојка
„Чумил“ на словачки значи набљудувач, а овој — можеби и најпознат бронзен жител на Братислава — е познат и под името „човекот на работа“.
Секако, околу статуата што со текот на времето станала вистинска туристичка атракција, се развила и една симпатична локална легенда. Според неа, тој бил создаден во спомен на чистач кој се заљубил во убава девојка, но таа го оставила кога дознала со што всушност се занимавал Чумил.
Девојката немала храброст да го одбие в лице, па му ветила дека ќе испијат кафе заедно — но тоа никогаш не се случило.
Чистачот, сепак, трпеливо ја чекал — секој ден, во исто време и на истото место. Несреќно заљубен, умрел неколку месеци подоцна од меланхолија, тага и болка.
Во негова чест, градот решил да му оддаде почит со поставување на споменикот и отворање кафуле во непосредна близина.
Најпознатиот жител на Братислава исполнува желби, но под еден услов
Денес таму луѓето доаѓаат да испијат кафе што тој никогаш не го испил со својата избраничка, и со тој чин му изразуваат своја наклонетост, сочувство и благодарност за неговата очигледно недоволно ценета, но многу чесна работа.
Но, имајќи предвид дека сега веќе легендарниот Чумил се наоѓа во историското јадро на Братислава, околу него секогаш е живо и весело. Соседните улици се преполни со кафулиња и продавници, а одлични улични бендови со своите настапи во живо дополнително ја збогатуваат и онака пријатната атмосфера. За крај, пред да се збогувате со симпатичниот човек на работа, обавезно допрете го врвот на неговата глава и замислете желба. Но внимавајте, велат дека ќе се исполни само ако успеете засекогаш да ја задржите во тајност…