„Windows 10“ од денес е официјално мртов! Што сега?

Точка

14/10/2025

16:11

414

Големина на фонт

а а а

По десет години, „Windows 10“ е официјално изгасен. „Microsoft“ ја прекина поддршката, што значи дека корисниците повеќе нема да добиваат безбедносни надградби, нови функции или технички поправки.

Иако компјутерите и понатаму ќе можат да работат, секој ден користење на овој систем го зголемува ризикот од вируси, хакерски напади и губење на податоци.

Кога беше лансиран во 2015 година, Бил Гејтс и неговиот тим од „Microsoft“ тврдеа дека тоа ќе биде „последната верзија на Windows“. Денес, компанијата целосно ги насочува корисниците кон „Windows 11“, додека милиони луѓе ширум светот остануваат на систем кој веќе не е безбеден за користење на интернет.

Експертите предупредуваат дека понатамошната употреба на „Windows 10“ за чувствителни активности — како онлајн плаќања или деловна комуникација — носи сериозен ризик, бидејќи безбедносните пропусти повеќе нема да се закрпуваат.


Што можете да направите

Ако вашиот компјутер сè уште користи „Windows 10“, постојат неколку опции.

Најдобрата е префрлување на „Windows 11“, но тоа зависи од хардверските можности.

Новиот систем бара помодерни процесори и TPM 2.0 чип, па многу постари уреди не ги исполнуваат условите.

Во поставките на системот можете да проверите дали надградбата е достапна и, ако е, пред тоа задолжително зачувајте ги сите важни датотеки.


Ако вашиот компјутер не е компатибилен со „Windows 11“, алтернатива е префрлување на „Linux“.

Современите дистрибуции, како „Ubuntu“ или „Mint“, нудат едноставно корисничко опкружување, поголема стабилност и вградена заштита.

Денес се многу пристапни и практични, и овозможуваат извршување на сите секојдневни задачи.


Третата опција е купување на нов компјутер, бидејќи најголемиот дел од новите уреди веќе доаѓаат со „Windows 11“ и побрзи компоненти.

Ако не планирате да го замените, стариот компјутер можете да го искористите како уред за гледање филмови, пишување или складирање документи — но без поврзување на интернет.

Без оглед на изборот, задолжително направете резервна копија на сите податоци — било на надворешен диск или во cloud — затоа што префрлувањето на нов систем секогаш носи ризик од губење на фајлови.