Репрезентативните настапи често носат проблеми со повреди за клубовите, а Милан во овој мини циклус веќе доби две непријатни информации од своите претставници низ светот.
Соединетите Американски Држави и Еквадор утринава одиграа со резултат 1:1 во пријателски натпревар, на кој Кристијан Пулишич настапил за Американците, додека Первис Еступинан бил стартер за противникот, но не успеал да издржи ни цело полувреме.
Еступинан побарал замена пред крајот на првиот дел жалејќи се на повреда на зглобот, па медиумите најавуваат дека сега може да го пропушти важниот дуел со Фиорентина закажан за седум дена.
Во текот на вчерашниот ден стана јасно и дека Алексис Салемакерс нема да патува со колегите од белгиската репрезентација во Кардиф, бидејќи заработил мускулна повреда на дуелот со Македонија.
Белгијците објавија дека фудбалерот ќе се врати во Милано за да направи детални прегледи, а очекувањата се дека ќе паузира неколку недели.