Целосно е исчистена дивата депонија во населбата Крњево. Кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со идниот тим од советници и хигиеничари, изминатиот викенд, како што објави, ја почнаа акцијата за нејзино целосно расчистување.
Герасимовски потенцира дека чиста и уредна општина е приоритет од кој никогаш не отстапил, и дека грижата за хигиената е континуиран процес кој бара постојано вложување.
„Во сите четири години од мојот мандат посветено се грижевме за хигиената во Центар. Нашите хигиеничари беа секојдневно на терен за да го одржуваат Центар чист. Исчистивме повеќе диви депонии, а кога ЈП „Комунална хигиена“ и Градот Скопје потфрлија, општината самостојно го собираше отпадот. Тоа беше неопходен чекор за граѓаните да добијат услуга каква што заслужуваат. За неколку дена, дивата депонија во Крњево целосно ја исчистивме. Во моментов просторот се дезинифицира, а потоа следува и негово уредување. На ова место поставуваме детско и спортско игралиште, ново зеленило и урбана опрема. Ги подобруваме условите во сите населби, заеднички со жителите го направиме нашиот Центар поубав. За Центар што го сакаме“ изјави Герасимовски.
Герасимовски најави дека во новата програма за работа предвидува зголемување на капацитетите на општината со набавка на две нови цистерни и пет метларки, кои ќе овозможат уште поефикасно и пофреквентно чистење на јавните површини.
„Ќе продолжиме со инвестиции во опрема, инфраструктура и човечки ресурси, затоа што чиста општина значи поголем квалитет на живот за сите нас. Центар останува пример за одговорна и уредна урбана средина“, додаде Герасимовски.