Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот напад врз него. Тој побара од истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и обвини дека целиот случај е обид за негова дискредитација.
Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека за ова стои госпоѓата Арјета Ајдини. Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство, како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста,“ изјави Шаини, додавајќи дека нема никакви сознанија за мотивите на нападот и дека е подготвен за целосна соработка со институциите.
Тој апелираше случајот да не се третира како семеен спор. Кажа дека живее со сопругата и нивните две ќерки во село Слупчане и повика случајот да не се користи за политички поени во предизборниот период.
„Ќе продолжам со главата горе, од никого не се плашам, зашто лошо никому немам сторено,“ рече Шаини.
Иако поминаа само три дена откога беше застрелан на улица во Куманово, лекарот од Клиниката за пулмологија во Скопје Шаини, кој е носител на советничка листа на ДУИ за Липково, рече дека вечерва ќе излезе и на предизборен митинг.
Претходно беше објавено дека полицијата ја привела сопругата на Шаини и дека е била осомничена за вмешаност во обидот за негово убиство.