[ФОТО/ВИДЕО] Мозаик од култури, бои и емоции: Светот низ очите на Сандра Кирков

Точка

09/10/2025

21:32

1.551

Големина на фонт

а а а

Поранешна стјуардеса, а денес инфлуенсерка која инспирира со секоја фотографија и секој збор – Сандра Кирков е жена која го претвори патувањето во начин на живот. Нејзиниот профил е мозаик од култури, бои и емоции, а нејзините објави се вистинска разгледница на светот низ еден посебен, човечки објектив.

Животот на Сандра е приказна што почнува во авионска кабина. Професијата стјуардеса ѝ овозможила да ја види планетата од перспектива што малкумина ја доживуваат – меѓу небото и земјата, меѓу континенти и судбини.

„Нема ништо поубаво од запознавање нови места, култури и стекнување нови пријателства“, вели Сандра во едно интервју, говорејќи за годините поминати во авиони низ целиот свет.


Таа работа за неа воопшто не била лесна, но била полна со искуства што ја обликувале.

„Телото не е програмирано да биде будно во тоа време, менуваш ден за ноќ, ти се пореметува сонот“, признава таа со искреност која ретко се слуша кога зборуваме за гламурот на професијата. Но токму таа искреност, комбинирана со љубовта кон новото и непознатото, ја прави Сандра толку автентична.


По затворањето на ова животно поглавје, нејзината љубов кон патувањето не згаснала. Напротив – станала посилна. Денес, зад неа стојат повеќе од деведесет посетени земји, секоја со своја приказна, боја и мирис. Патувањето за Сандра не е бегство, туку начин на живеење. Наместо да ги следи туристичките мапи, таа ја следи интуицијата – застанува таму каде што мириса локалната храна, разговара со луѓето што не се навикнати на туристи и забележува детали што често остануваат незабележани.


„Среќна сум што сум здрава и жива и уживам во животот чекајќи нови искуства и промени,“ вели таа, носејќи ја истата насмевка што ја придружувала и додека летала на илјадници метри над земјата.


Во време кога патувањето често се сведува на брзи селфи фотографии и совршени филтри, Сандра потсетува дека највредните спомени не се оние што се гледаат, туку оние што се чувствуваат. Нејзините приказни нè враќаат кон суштината – дека светот е голем само додека не се осмелиме да го откриеме.

Автор: Ц.Н.