Герасимовски: За првпат воспоставуваме „Крафт Стрит“ – улица на занаетчиите во Центар

Макфакс

09/10/2025

13:16

138

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска најави нов проект „Крафт Стрит – улица на занаетчиите“, кој има за цел да создаде нова урбана зона посветена на занаетчиството, уметноста и локалното производство.

„Во Центар за првпат воспоставуваме Крафт Стрит – улица на занаетчиите. Сите занаетчии, уметници и производители ќе добијат свој простор за развој и промоција на идеи и бизниси, а граѓаните ново катче со уникатни македонски производи. За Центар што го сакаме“, изјави Герасимовски.

Проектот, како што објасни, е дел од неговата визија за создавање покреативен, културно жив и економски одржлив Центар, каде што локалните уметници и занаетчии ќе имаат можност да го претстават својот труд и да остварат директен контакт со посетителите и купувачите.

„Ова е уште еден чекор во насока на создавање отворен, жив и културен Центар, општина во која граѓаните ќе имаат место за дружење, инспирација и гордост од сопствената традиција“, порача Герасимовски.

Герасимовски, потенцираше дека „Крафт Стрит“ – улицата на занаетчиите се реализира во вториот мандат, по победата на локалните избори.