Светските лидери го поздравија договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, објавен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Еве како реагираа:
Велика Британија
„Ова е момент на длабоко олеснување што ќе се почувствува низ целиот свет, но особено за заложниците, нивните семејства и цивилното население во Газа, кои издржаа незамисливо страдање во последните две години“, рече премиерот Кир Стармер, според Британската асоцијација за печат.
Канада
„Му честитам на американскиот претседател Доналд Трамп за неговото клучно лидерство и им се заблагодарувам на Катар, Египет и Турција за нивната неуморна работа во поддршка на преговорите“, напиша премиерот Марк Карни на платформата X. „Олеснување е да се знае дека заложниците наскоро ќе бидат повторно обединети со своите семејства.“
Индија
Премиерот Нарендра Моди, според „Ројтерс“, изјави дека се надева дека ослободувањето на заложниците и зголемувањето на хуманитарната помош ќе им донесат олеснување на луѓето од Газа и ќе го отворат патот за траен мир.
Пакистан
„Објавувањето на договор што ќе го прекине геноцидот во Газа е историска можност за постигнување траен мир на Блискиот Исток“, објави премиерот Шехбаз Шариф на X.
Австралија
„По повеќе од две години конфликт, држење заложници и ужасна загуба на цивилни животи, ова е многу потребен чекор кон мирот“, се вели во заедничката изјава на премиерот Ентони Албанезе и министерката за надворешни работи Пени Вонг. „Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат условите на планот“.
Нов Зеланд
Објавата на претседателот Трамп… е пресвртница во конфликтот што одзеде премногу животи“, напиша премиерот Кристофер Луксон на X. „Нов Зеланд ја поздравува веста и се надева дека таа ќе биде основа за трајно решение во кое идните генерации Израелци и Палестинци ќе можат да живеат во мир и безбедност“.
Аргентина
Претседателот Хавиер Миел му честиташе на својот американски колега, нарекувајќи го договорот историски и извонреден придонес кон светскиот мир, напиша тој на X.