Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас, пренесува „Анадолу“.
Исклучително сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во египетскиот град Шарм ел Шеик со придонес на Турција, завршија со прекин на огнот во Газа“, напиша Ердоган на турската социјална платформа NSosyal.
„Искрено му се заблагодарувам на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој покажа потребна политичка волја да ја охрабри израелската влада да го прифати прекинот на огнот, и на нашите братски земји Катар и Египет за нивната значајна поддршка во постигнувањето на договорот“, додаде турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека Анкара внимателно ќе го следи спроведувањето на договорениот прекин на огнот и ќе продолжи да придонесува во процесот.
Турција, истакна тој, ќе продолжи да ја поддржува изградбата на независна и суверена палестинска држава со целосен територијален интегритет, во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.
„Во оваа пригода, им испраќам најискрени поздрави на моите палестински браќа и сестри, кои две години издржаа неописливо страдање борејќи се за живот и достоинство во нехумани услови, губејќи ги своите деца, родители, роднини и пријатели, и кои, и покрај сите трагедии што ги преживеаа, не се откажаа од својот чесен став“, рече Ердоган.
Договорот за прекин на огнот е дел од план од 20 точки, објавен на 29 септември, кој повикува на ослободување на сите израелски затвореници во замена за палестински затвореници, разоружување на Хамас и обнова на Газа.