Светлите бои не само што привлекуваат внимание, туку и будат силни емоции. Црвената боја ја поврзуваме со страст, енергија и возбуда, жолтата со среќа, радост и оптимизам, розовата со нежност, романтика и младост…
Впечатливите бои имаат стимулативен ефект и нѝ го подобруваат расположението, а тоа најдобро го докажува една уникатна зграда во срцето на Европа, за која многумина тврдат дека е најсреќна и најшарена на целиот Стар континент. Станува збор за куќата на „Среќниот Рици“ (The Happy Rizzi House), дело на њујоршкиот уметник Џејмс Рици, а се наоѓа во Брауншвајг во сојузната покраина Долна Саксонија во Германија.
Зградата била завршена во 2001 година и веднаш било јасно дека се работи за нешто извонредно
Овој град со население од нешто повеќе од 250.000 жители лежи на три реки, Алер, Везер и Окер, а неговиот стар дел, Акерхоф, е особено интересен за туристите, чиј мал, но живописен плоштад се смета за крвоток на прекрасниот историски округ Магнивиертел. Округот го красат традиционални дрвени куќи, а во морето од нив, една понова особено го привлекува вниманието. Тоа е токму прекрасната Куќа на среќниот Рици.
Идејата за оваа современа градба се родила во 1997 година, а иницијативата за нејзината изградба ја презел Олаф Јешке, сопственик на уметничка галерија во Брауншвајг. Куќата била завршена во 2001 година, а нејзиниот творец Рици, разновиден и талентиран гениј со бујна имагинација од Соединетите Американски Држави, успеал да се издвои од толпата и да создаде нешто извонредно, кое на крајот ќе стане врвна туристичка атракција во Брауншвајг.
Весел контраст на старите дрвени згради во историскиот дел од градот
Изградбата на петкатната Куќа на среќниот Рици, која всушност се состои од девет индивидуални, но меѓусебно поврзани згради, траела две години. Сè надгледувал архитектот Конрад Клостер, кој ја осмислил и реализирал фасадата на зградата во две или три димензии и ја декорирал во впечатлив поп-арт стил. Како најчест мотив ги користел среќните лица, но тука се и бројни срца, љубопитни очи, ѕвезди и птици.
Денес, оваа уникатна, модерна и уметничка градба претставува весел контраст на старите дрвени згради во историскиот дел на Брауншвајг. Изгледа како дека им се насмевнува и на локалните жители и на нивните гости, на кои воопшто не им е грижа за лошите критики што некогаш ги добивала Куќата на среќниот Рици.
Иако не е отворена за јавноста, не престанува да ги воодушевува туристите
Имало и такви што го оценија нејзиниот шарен поп-арт стил како „невиден архитектонски грев“. Сепак, вреди да се истакне дека оваа куќа е создадена со желба да се оживее историскиот влез во самиот град и областа околу познатата црква Магни, која, заедно со околниот простор, се смета за лулка на Брауншвајг. Тој не се променил со векови, а во Втората светска војна, поточно во ноќното бомбардирање во 1944 година, гореспоменатиот дел, односно целиот округ Магнивиертел, бил сериозно оштетен. Реновирањето и урбанистичкото планирање биле одложени до 1979 година, кога конечно биле одлучено да му се даде нов изглед на стариот град.
Денес, Куќата на среќниот Рици служи како деловна зграда и не е отворена за јавноста, но нејзината шарена фасада не престанува да привлекува и воодушевува туристи од целиот свет. Зградата била темелно реновирана во 2012 година и иако имаше гласини дека во неа ќе се отвори Галеријата Рици со ресторан, оваа идеја, за жал, никогаш не се реализирала.
Нејзиниот врв го красат тридимензионални кули што веднаш се забележуваат
Големи делови од фасадата на ремек-делото на Рици се дизајнирани како стаклени мембрани со ситопечат и елементи од светкав кристал.
Тие чудесно ја осветлуваат целата куќа, а светкавите и тродимензионални кули што го красат нејзиниот врв се само уште еден дополнителен и впечатлив детаљ што го „воздигнува“ историскиот дел од вториот по големина град во Долна Саксонија (првиот е Хановер).