Еден маж од Чиле, кој неочекувано добил плата 330 пати повисока од вообичаената, победил на суд и ги задржал парите што му биле уплатени.
Како што пренесува „LadBible“, и покрај тоа што дал отказ само три дена откако по грешка му биле префрлени 146.203 евра – наместо вообичаената месечна плата од 444 евра – судот пресудил дека има право да ги задржи средствата.
Грешки од ваков обем се ретки, бидејќи современите финансиски служби во компаниите најчесто спречуваат вакви пропусти. Кога сепак ќе се случат, ретко излегуваат во јавност – најверојатно затоа што оние кои ги добиваат парите сакаат да избегнат враќање. Овојпат, сепак, за среќникот од Чиле известија бројни светски медиуми.
Имено, за чилеанскиот работник мај 2022 година бил особено среќен месец. Вработен како административен асистент во прехранбената компанија „Dan Consorcio Industrial de Alimentos de Chile“, по грешка добил плата од 146.203 евра, иако неговата редовна месечна заработка изнесувала само 444 евра. Работникот првично ветил дека ќе ги врати парите, но само три дена подоцна дал отказ и исчезнал.
„Нема сторено кривично дело“
Иако за многумина би било примамливо да „исчезнат“ и да се преселат во друга земја, компанијата лесно успеала да го лоцира и, очекувано, побарала поврат на средствата. Меѓутоа, по тригодишна правна борба, судот во Сантјаго пресудил дека не се работи за кражба, туку за „неовластено примање“, што значи дека судот не може да го гони кривично, бидејќи не е сторено кривично дело.
Иако работникот сега слободно може да располага со примените пари, правната битка сè уште не е целосно завршена, а работодавците најавиле продолжување на постапката со цел да ги повратат средствата. Во изјава за „Diario Financiero“ навеле: „Ќе ги преземеме сите можни правни чекори, вклучително и барање за поништување на пресудата, за да овозможиме повторно разгледување на одлуката на судот“.