ПСЖ настапи без четири големи ѕвезди и сигурни стартери на гостувањето кај Барселона на „Монжуик“, но и во такви услови, тимот на Луис Енрике покажа дека е исклучително стабилен и избалансиран, па дури и подобар од актуелниот лидер во шпанската Ла Лига.
Европскиот шампион беше подобар ривал во одлучувачките втори 45 минути и на крајот заслужено стигна до втор гол, но со оглед на фактот што истиот пристигна во самата завршница, овој пораз беше посебно болен за домаќините.
Ханси Флик уште на теренот не ја криеше фрустрацијата од лошата транзиција која ја имаа неговите играчи од напад во одбрана при голот на ПСЖ, а од прес-центарот, германскиот стручњак заклучи дека неговиот тим се уште не е на нивото на ПСЖ.
– Во првото полувреме бевме многу подобри како тим од второто. Во вториот дел им дозволивме премногу шанси, а до израз дојде заморот. Сметам дека тоа е најголема причина за поразот, бидејќи во финишот можеше да се види дека има замор кај важни играчи како Педри и Де Јонг кои играат постојано во последно време. ПСЖ има неверојатен тим, има многу млади и брзи играчи и одиграа фантастичен меч.
– Не го одигравме нашиот најдобар натпревар, а потребно е да го направите токму тоа за да го победите ПСЖ. Противникот ја заслужи победата и тоа мора да се признае. Во овој момент не можеме да кажеме дека сме на исто ниво со ПСЖ, но верувам во мојот тим и верувам дека можеме да бидеме подобри во иднина, – изјави Германецот.