Мицкоски: Нека ме наречат заостанат, но формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин

Макфакс

30/09/2025

12:35

149

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати порака до граѓаните дека формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина.

„Секој оној кој што си игра играчки и кој што ова не го разбира, колку е ова озбилно, не и мисли добро на државата. Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни Влади, а тоа се многудентни семејства. Јас би сакал кон сите македонски граѓани да упатам јасна порака- формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Без разлика на верската, на едничката припадност- многудетното семејство значи иднина“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека според последниот попис во Македонија има над 1,8 милиони жители.

„Имаме отприлика над 700 илјади редовно вработени и околу 350 илјади пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува од 1,5 милиони. За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер еден вработен“, изјави премиерот.

Според него, тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд.

Инаку, Мицкоски денеска ја промовира петгодишната програма која ќе ја спроведуваат Владата и УНФПА.

„Оваа програма не е само документ или формалност, туку е план за дејствување- визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности, насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани. Кога зборуваме за ресурси, често споменуваме рудни богатства, финансии, инфраструктура, енергенси, води или природни богатства. Сето тоа е значајно. Но, најважниот ресурс, ресурсот кој ги движи сите други, тоа е човечкиот капитал“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека демографската рецесија не е нов феномен и дека таа трае повеќе од 70 години. Како што кажа Мицкоски, од 1950 година па до денес бројот на новородени деца постојано опаѓа.

„Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња. Во 2024 година имаме само околу 16.000 новородени бебиња. Овој пад има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот- тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест. Бесплатни учебници за учениците- затоа што образованието е темел на демографскиот раст. Нови градинки во повеќе градови- за да им помогнеме на родителите. Поддршка за мајките, за децата и за семејствата, преку нови социјални и економски мерки“, рече Мицкоски и додаде дека овој проблем не е изолиран само кај нас и дека со него се соочува целата Европа и пошироко- Балканот, Европската Унија, САД, Канада, Австралија, Источна Азија. Она што е симптоматично е дека дури и најразвиените и најбогатите земји се најмногу погодени.