Подобрувањето на чешката економија, се чини, дојде предоцна за проевропската влада на Петр Фијала. На претстојните избори се чини дека ќе дојде до пресврт кон прорускиот табор, кој има добри шанси да победи и да дојде на власт.
Сончев септемвриски ден, среда попладне. Навивачите брзаат кон фудбалскиот стадион на Славија Прага. Натпреварот од Лигата на шампионите треба да започне наскоро. Пред трговскиот центар Еден, веднаш до стадионот, стои група мажи и жени со плетени корпи и платнени торби полни со летоци и хемиски пенкала.
Телохранителите се дискретно поставени околу нив. Тие го штитат министерот за надворешни работи, Јан Липавски, кој води предизборна кампања со својот тим. Липавски е еден од лидерите на владејачката централно-десничарска коалиција Сполу. Тој се обидува да ги убеди гласачите да гласаат за владата на Петр Фијала на парламентарните избори на 3 и 4 октомври 2025 година, и со тоа да ѝ овозможат да управува со Чешка, која има десет милиони жители, уште четири години, пишува Дојче Веле.
„Овие избори се клучни за идната насока на земјата. За прв пат силите што отворено соработуваат со Путинова Русија се обидуваат да дојдат на власт“, изјави Липавски за ДВ, инаку еден од најпопуларните политичари во владата. „Тоа е главната причина зошто се кандидирам. Верувам дека можеме да го одржиме прозападниот курс на земјата. Тоа е неверојатно важно“, истакна тој.
Владејачките партии се претставуваат со јасна надворешно политичка насока, која се базира на целосна поддршка за Украина. Ова е она што мнозинството гласачи особено го ценат во владата на Петр Фијала. Чешката Република прими повеќе од половина милион украински бегалци – многу од нив биле прифатени и згрижени од граѓаните и нивните иницијативи. Прага испраќа оружје и муниција во Украина. Од друга страна премиерот Фијала беше меѓу првите европски политичари што го посетил Киев кратко време по почетокот на руската агресија во пролетта 2022 година.
Разочарувањето на пензионерите
„Стискам палци за тебе“, му порача една пензионерка со седа коса на Липавски. „Се обидувам да убедам што е можно повеќе луѓе од мојата околина да гласаат за тебе“. Но, таа е исклучок во нејзината возрасна група, бидејќи огромно мнозинство чешки пензионери се длабоко разочарани од владата и сакаат да гласаат за опозицијата.
Имено, за да го намали буџетскиот дефицит, Фијала го ограничил годишното зголемување на пензиите пред две години. Повеќето пензионери сè уште го гледаат ова како предавство. „Фијала е криминалец, наместо нас Чесите, владата им даде пари на Украинците. Никогаш нема да гласам за вас“, му рече еден лут пензионер на еден од членовите на кампањата, додека носел нов телевизор од трговски центар.
Во пресрет на изборите, повеќето Чеси се незадоволни од владините политики за штедење, бавниот економски раст и високата инфлација. Сиромаштијата и зголемувањето на цените се му ги припишуваат на Фијала.
Економското закрепнување доаѓа предоцна
Сепак, благодарение на политиките за штедење, буџетскиот дефицит на Чешка сега е под два проценти од БДП, нејзиниот кредитен рејтинг е подобар од оној на Франција, просечната бруто-плата се зголемила за повеќе од пет отсто, надминувајќи 2.000 евра месечно за прв пат. Инфлацијата е 2,5%, најниска меѓу земјите од Вишеградската група (Полска, Унгарија, Чешка и Словачка).
Чешките домаќинства трошат повеќе од кога било, а туристичките агенции забележале рекордна побарувачка ова лето. „Очекував овие добри економски вести да дојдат малку порано, не знам дали е веќе предоцна“, призна Липавски за ДВ.
Пред изборите, коалицијата Сполу има поддршка од 20% од гласачите, 10% помалку од опозициската партија АНО. Владејачките партии и нивните потенцијални сојузници имаат околу 40% од гласовите, додека опозицијата има речиси 60%.
Опозицискиот фаворит - Андреј Бабиш
Лидерот на опозициската партија АНО, Андреј Бабиш, по четири години во опозиција сака да се врати на власт како премиер. Тој целосно се посветил оваа цел, па дури и го ставил управувањето со својот концерн во втор план. Веќе со недели, тој секојдневно се среќава со граѓани и патува низ Чешка. Неговиот тим ги преплавува социјалните медиуми со видеозаписи.
Новост е и посебната колекција облека за кампањата: од дуксери до шорцови. Иако не се евтини, облеката ја купуваат и неговите поддржувачи и противници, кои ја користат како популарен шеговит подарок.
Бабиш им ветува на Чесите подобар животен стандард. „Секој граѓанин може да го види тоа во својот паричник – може да спореди што можел да купи со својата плата пред четири години и што може да купи денес“, вели тој. Иако статистиката покажува поинаку, 30% од чешките гласачи веруваат во овој аргумент. На серија огромни постери ширум Чешка, Бабиш се претставува како месија, ветува повисоки пензии, поевтини хипотекарни кредити и пониски цени. Најчестиот слоган на постерите е: „Гласајте за подобар живот!“
Бабиш, исто така, го напаѓа „Зелениот договор“ на Европската Унија и ветува дека нема да воведе сертификати за емисии на ЕУ за домаќинствата (ETS 2) од 2027 година, како што е планирано. За гласачите, овие инструменти се како страшила, бидејќи се плашат дека нивното воведување би можело значително да ги зголеми цените на греењето и горивото.
Кога станува збор за другите надворешно политички теми Бабиш претежно молчи, не зборувајќи отворено против континуираната помош за Украина. Истовремено, тој не ја критикува ниту крајно десничарската партија „Svoboda a přímá demokratie“ (Слобода и директна демократија) ниту крајно левичарската „Stačilo!“ (Доста е!). Двете партии ја поддржуваат Русија и бараат Чешка да ги напушти НАТО и ЕУ. Бабиш не ја исклучува можноста за формирање влада или дури и коалиција со нивна поддршка.
Експерт: Надворешната политика е важна во кампањата
Надворешната политика, а особено ставот кон Украина и Русија, играат важна улога во чешката изборна кампања, објасни за ДВ политикологот Лубомир Копечек од Универзитетот Масарик во Брно.
„Надворешните политики и безбедносните теми се поважни на овие избори од кога било досега во Чешка“, истакна тој. „Сепак, ова очигледно нема да биде доволно за да се смени сегашниот тренд во корист на владејачките партии. Се чини дека тие нема да продолжат да владеат“, додаде тој.
Според него, повеќето граѓани ќе се водат од сопствените финансии при донесувањето одлуки за гласање. Подобрувањето на чешката економија дојде предоцна за владата на Фијала. „Доколку изборите беа дури за една година и економијата се развиваше како во последните шест месеци, ситуацијата би била поинаква и мнозинството гласачи би имале помал отпор кон сегашната влада“, објасни политикологот. „Постојат шанси владата на Петер Фијала да остане на власт, но тоа е еквивалентно на политичко чудо“, заклучи чешкиот политиколог.