Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, се извинил на Катар поради израелскиот воздушен напад врз Доха од почетокот на месецов, во кој цел биле функционери на Хамас, јави „Ројтерс“.
Според извор близок до израелскиот премиер, тој телефонирал со катарскиот премиер Мохамед бин Абдурахман Ал Тани од Белата куќа, каде што во исто време американскиот претседател Доналд Трамп остварил контакт со Катар.
Извинувањето доаѓа во момент кога Нетанјаху престојува во Вашингтон на средба со Трамп. Главна тема е новиот мировен план од 21 точка, со кој се предвидува прекин на огнот, ослободување на израелските заложници и воспоставување ново управување со Газа без учество на Хамас.
Катар претходно го осуди израелскиот напад како „подмолен“ и „груб прекршок на меѓународното право“. Во исто време, Нетанјаху е под силен притисок да го прифати американскиот план кој ја исклучува анексијата на Западниот Брег и бара формирање нова палестинска влада.