Рекорден премин на Ламанш: 125 мигранти пристигнаа со еден брод

Макфакс

29/09/2025

10:40

128

Големина на фонт

а а а

Рекорден премин на Ламанш беше забележан во саботата кога дури 125 лица пристигнаа во еден мал брод, што е досега најголем број патници во еден брод. Вкупно, речиси 900 мигранти го преминаа Ламанш во саботата, пишува Би-би-си.

Со ова е соборен претходниот рекорд од август, кога во еден брод имаше 106 лица. Официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека 895 мигранти пристигнале во 12 бродови во саботата, со што вкупниот број на преминувања од почетокот на 2025 година достигна приближно 33.000.

Во сенка на нова трагедија

Веста доаѓа откако уште еден мигрант почина обидувајќи се да премине, а неговото тело беше пронајдено во неделата наутро на плажа во близина на Булоњ-сур-Мер во северна Франција, објави новинската агенција АФП.

Возраста и националноста на починатиот сè уште не се познати. Обвинителката на пристанишниот град, Сесил Гресиер, изјави за АФП дека истрагата ќе утврди дали постои врска помеѓу оваа смрт и обидот за премин во близина на Екиен-Плаж, каде што беше пронајдена 49-годишна жена и однесена во болница поради хипотермија.

Во саботата, две жени од Сомалија исто така ги загубија животите откако нивниот импровизиран чамец наиде на проблеми. Со ова, бројот на смртни случаи при обид за нелегално преминување од Франција во Велика Британија оваа година се искачи на најмалку 27.