Русија изврши масовен ракетен и беспилотен напад врз Киев и други украински градови, има многу жртви

Макфакс

28/09/2025

09:55

837

Големина на фонт

а а а

Ноќеска Русија изврши масовен ракетен и беспилотен напад врз Киев и други украински градови, користејќи тешки бомбардери. Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, дури и во региони далеку од линијата на фронтот.

Украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави дека Русија употребила стотици беспилотни летала и ракети во овој напад. Според извештаите на украинските медиуми, пет руски бомбардери Ту-95 полетале од аеродромот Олења во регионот Мурманск околу 1:45 часот по локално време. Недолго потоа, околу 2:25 часот, Воената администрација на градот Киев предупреди за лансирањето на авионот МиГ-31К, што предизвика тревога низ целата земја.

Украинските воздухопловни сили дополнително во 3:52 часот наутро известија за веројатното полетување на бомбардерот Ту-95 од воздухопловната база Енгелс. Во текот на ноќта, бројни украински региони беа под закана од роеви беспилотни летала од типот „Шахед“, а експлозии беа регистрирани во Киев, Киевската област, Запорожје, Хмелницката област и Суми.

Најголема штета е регистрирана во Киев и Запорожје. Во главниот град, делумно е уништена петкатна зграда, а оштетена е станбена инфраструктура во неколку градски области, потврди началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко. Оштетени се и нестанбени згради и паркирани автомобили. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, извести дека најмалку пет лица се повредени и хоспитализирани.

„Ракети сè уште паѓаат врз градот“, рече тој, апелирајќи до граѓаните да останат во засолништа. Пожари избувнаа во неколку куќи и згради во близина на Киев. Во градот Фастив, пет работници беа повредени во пекарница која се запали за време на нападот. Во Запорожје, регионалниот центар на делумно окупираната област, руските сили нападнаа цивилна инфраструктура, изјави гувернерот Иван Федоров.

Девет куќи, 14 станбени згради, едно училиште и неколку производствени погони беа оштетени. Пет лица беа повредени во два напади во текот на ноќта.