ПСЖ остана без Маркињос во наредните неколку седмици

Макфакс

27/09/2025

11:56

101

Големина на фонт

а а а

Бразилскиот фудбалер и капитен на Пари Сен Жермен, Маркињос, го повреди левиот бутен мускул и нема да игра во наредните неколку недели, соопшти клубот од Париз.

ПСЖ не прецизираше кога Бразилецот ја добил повредата, иако тој одигра цел натпревар против Марсеј (1-0) во понеделникот, како и натпреварот од Лигата на шампионите минатата недела против Аталанта (4-0).

Маркињос така ѝ се приклучи на листата на повредени во која веќе се наоѓаат Осман Дембеле, Дезире Дуе и Жоао Невеш, кои се во процес на рехабилитација, се наведува во лекарското соопштение на клубот.

На утринскиот тренинг во петокот тие отсуствуваа, додека играчот од средниот ред Фабијан Руиз работеше одвоено од екипата. Бредли Баркола, кој имаше проблеми со бутниот мускул и поради тоа го пропушти дуелот со Марсеј, се врати во тренажен процес.

ПСЖ во среда ќе ја пречека Барселона во Лигата на шампионите, а веќе на 5 октомври ќе игра против Лил во Лига 1.