Стаорци ги преплавија Лондон и Њујорк. „Ова е ratmageddon“

Точка

26/09/2025

18:23

551

Големина на фонт

а а а

Инвазијата на стаорци станува сè поголем проблем во британските и американските градови. На сцена е вистински „ratmageddon“, јавува „BBC“.

Минатата година Џон Гледвин од Кројдон, Англија, ја отворил кујнската витрина и затекнал ќеса со земја распарчена на парчиња. Неколку дена подоцна почувствувал остар мирис, сличен на оној од контејнерите пред зградата. „Веднаш знаев што е“, вели тој - „Стаорци.“

Навикнат бил да ги гледа околу ѓубрето, но сега влегле и во неговиот стан. „Ги слушав во шкафчињата и зад кадата. Едно утро кога се разбудив, се тепаа под кадата, врискаа и цвилеа“, раскажува Гледвин.

Таткото на пет деца веднаш реагирал – поставил масло од нане и отров, и засега не се вратиле. Сепак, искуството го вознемирило. „Се плашев за здравјето на децата, не сакав да се заразат.“

Се чувствувал и засрамен. „Не е убаво да кажете дека сме заразени, дека семејството живее во стан полн со стаорци.“ Фирмата „Cleankill“, задолжена за дератизација во јужна Англија, ја покрива неговата населба. Основачот Клајв Бери вели дека бројот на интервенции поради стаорци „значително“ пораснал – за околу 20% во последните две години.


Проблем и во Северна Америка

Сличен тренд се бележи низ целата земја. „BPCA“ (Британско здружение за контрола на штетници) наведува дека повеќе од половина од членовите во последните пет години пријавиле раст на повици поради стаорци.

Точниот број на стаорци е речиси невозможно да се процени бидејќи живеат во канализација и подземни живеалишта, а излегуваат главно ноќе. Проценките во Велика Британија се движат меѓу 10 и дури 120 милиони. Сигурно е едно: од почетокот на 2023 до средината на оваа година, градските совети примиле над половина милион пријави за инфестација, според податоци добиени преку барања за пристап до информации.

Проблемот, сепак, не е ограничен само на Британија. Слични растови се забележани во Вашингтон, Сан Франциско, Њујорк, Амстердам и Торонто.

Иако стаорците не се по природа нечисти животни, тие се хранат во канализација и контејнери и пренесуваат опасни болести. Нивната урина може да пренесува лептоспироза, а од изметот може да се шири хантавирус. Исто така уништуваат култури и ја контаминираат храната.


Потопло време – повеќе стаорци

Боби Кориган, кој себеси се нарекува „урбан родентолог“, го посветил животот на проучување на стаорците. Почнал како дератизатор во Њујорк, а за време на студиите дури спиел на подот на штала преполна со стаорци за да го следи нивното однесување.

Него го воодушевила сложеноста на нивната социјална структура и примери на однесување што ги сметал за алтруистички. „Сум гледал млади стаорци како носат храна и ја даваат на постарите што не можеле да се движат“, се присетува тој.

Причините за порастот ги гледа во повеќе фактори: популарноста на брзата храна, пореткото изнесување на ѓубре, градежните работи кои ја нарушуваат канализацијата, но и растечките температури.

Неговото истражување со колеги од Универзитетот во Ричмонд (САД) покажало јасна врска меѓу глобалното затоплување и ширењето на стаорците. Во Вашингтон бројот на стаорци пораснал за речиси 400%, во Сан Франциско за 300%, во Торонто за 180%, а во Њујорк за 160%.

„Градовите со поголем раст на температури бележеа и поголем раст на бројот на стаорци“, наведува студијата објавена во списанието „Science Advances“. Како што глобалните температури продолжуваат да растат, а зимите стануваат поблаги, се очекува популацијата на стаорци да продолжи да се зголемува.


Машини за размножување

Женката стаорец има околу шест легла годишно, секое со до 12 младенчиња. Веќе по девет недели младенчињата стануваат полово зрели, што значи дека два стаорци во една година теоретски можат да создадат повеќе од 1.000 потомци.

Стаорците не хибернираат, па студот може да ги убие или да им ја намали плодноста. Но во градовите, каде што асфалтот и бетонските згради ја задржуваат топлината, условите се идеални за нивен раст.

Интересен факт е што стаорците не можат да повраќаат. На прв поглед тоа би значело дека е лесно да се отрујат, но тие се исклучително претпазливи. Професорот по екологија Стивен Белмејн од Универзитетот во Гринич објаснува дека нов извор на храна прво ќе пробаат во мали количини. Ако потоа не се разболат, ќе продолжат да јадат.

Традиционалните отрови, како антикоагуланси, делуваат бавно и предизвикуваат внатрешни крварења – што се смета за суров начин на смрт. Дополнително, многу стаорци развиле генетска отпорност на тие отрови.

Затоа се истражуваат нови методи, вклучувајќи употреба на орални контрацептиви за намалување на плодноста.


Отровот не делува

Њујорк, каде што живеат околу три милиони стаорци, во 2023 година доби и „царска“ функција – градоначалникот ја именуваше Кетлин Коради за прва „царица на стаорците“.

Поранешната наставничка доби 3,5 милиони долари за подигање на свеста за проблемот. Таа започна „академија за стаорци“ која им покажува на граѓаните како да спречат инфестација.

Нејзините инспектори ги проверуваат пријавите на граѓаните и изрекуваат казни ако проблемот не се реши. Клучна промена беше задолжителната употреба на контејнери отпорни на глодари, наместо оставање ќеси на улица.

„Клучот за долгорочно решение е отстранување на изворите на храна“, вели Коради.


Кројдон под опсада

Во Кројдон, каде што живее Гледвин, дератизаторот Алекс Донован му покажал на „BBC“ колку проблемот излегол од контрола. За само два часа набљудување на имотот, видел стаорци како се качуваат по дрвја и скокаат во контејнери со отпадоци.

„Речиси е невозможно да се реши инфестација од ваков размер. Има премногу храна“, вели Донован. „Дури и да ставиме отров, нема да го јадат, бидејќи храната им е достапна насекаде.“

Како што бројот на жители во Британија расте – се предвидува дека до 2032 година ќе достигне 72,5 милиони – а сè поголем дел живее во градови, ситуацијата ќе станува уште потешка.

Д-р Кориган верува дека решението е посимплифицирано отколку што изгледа. „Ако внимаваме на средината на нашите градови и не им оставаме храна, нема да мора да ги труеме и мачиме.“ Но признава и едно: „Ги потценивме. Ги игнориравме стаорците, им дозволивме да се размножат – и сега ја плаќаме цената.“