Украина возвраќа на Унгарија: На тројца воени функционери им е забранет влез

Макфакс

26/09/2025

18:27

195

Големина на фонт

а а а

Украина им забрани на тројца високи унгарски воени функционери да влезат на нејзина територија, реагирајќи на слична одлука на Будимпешта, што означува нова епизода во затегнатите односи меѓу двете соседни земји.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја потврди мерката на платформата Икс. „Воведовме забрана за влез на тројца високи унгарски воени функционери“, напиша тој, додавајќи дека ова е одговорот на Украина на потезите на Будимпешта.

„Секој чин на непочитување од Унгарија ќе добие соодветен одговор, особено непочитување кон нашата армија“, рече украинскиот министер.

Односите дополнително се влошија во август кога Унгарија, еден од ретките сојузници на Москва во Европа, го прогласи високиот украински офицер Роберт Бровди, член на унгарското малцинство во Украина, за персона нон грата. Будимпешта го обвини за оркестрирање на нападот врз рускиот нафтовод „Дружба“, со што се прекинаа руските испораки на нафта.