Франческо Ачерби одби неколку повици од Лучијано Спалети во завршната етапа на искусниот стручњак како италијански селектор, но откако оваа епизода сега е архивирана, ветеранот од редовите на Интер е подготвен повторно да го облече националниот дрес, ако Џенаро Гатузо смета дека има потреба за такво нешто.
Промените кои се случија во италијанскиот тим направија Ачерби да гледа на работите на поинаков начин, па во интервју за „Скај Спорт Италија“, се обиде да објасни како „пукнала тиквата“ со доскорешниот селектор.
– Не се најдов во конечниот список за Европското првенство пред една година и покрај тоа што направив се да бидам фит за турнирот. Ја одложив операцијата, а потоа не добив место во тимот. За мене, најболно беше тоа што не добив повик и не добив објаснување зошто не сум вклучен во тимот. Јас не очекувам ништо во фудбалот, па во тој момент работата беше завршена за мене.
– Сепак, случајот повторно беше отворен кога Спалети даде некои непотребни изјави во јавноста и тоа не беше баш убаво. Потоа реши да ме повика во тимот за мечот со Норвешка, а единствена причина беа повредите во тимот. Го потенцираше само тоа, не кажа дека ќе бидам во план за Светското првенство.
– Поради тоа, се почувствував искористен од него. Јас имам 37 години, играв многу години во националниот тим, па не би сакал да бидам користен само по потреба. Знам дека не сум Меси или Пеле, јас сум никој, но подобро да не играм, отколку да правиме непотребни ситуации.
– Засега не сум добив повик од Гатузо, тој е нов селектор и тој е оној кој одлучува. Ако добијам повик, ќе бидам подготвен. Ако не, ќе продолжам по својот пат, – вели Ачерби.