Серхио Бускетс веќе донел конечна одлука за крај на професионалната фудбалска кариера и сега и јавно потврди каков му е планот за наредниот период.
Прославениот поранешен шпански репрезентативец и некогашна ѕвезда на Барселона најави дека ја игра последната сезона во кариерата и ќе се повлече од активното играње по крајот на актуелното издание на МЛС шампионатот.
Бускетс е член на Интер Мајами, екипа чии амбиции се да стигне и до првата титула во плејоф завршницата, па Шпанецот се надева дека со нов трофеј ќе ја заокружи повеќе од успешната фудбалска кариера.
– Ова ќе бидат мои последни месеци на теренот.
– Чувствувам дека е време да ја завршам професионалната кариера, речиси 20 години уживам во оваа неверојатна приказна за која претходно сонував. Се повлекувам среќен, горд и пред се благодарен, – вели Бускетс.
Шпанецот во емотивното видео истакнува посебна благодарност за Барселона, клубот во кој ги постигна и најголемите успеси и освои многу трофеи.