Еден од највисоките функционери на ЕУ изјави дека Доналд Трамп „има право“ кога ги критикува европските земји кои продолжуваат да купуваат руска енергија, изразувајќи „големо жалење“ што ова сè уште се случува, објави Скај њуз.
Потпретседателката на Европската комисија, Каја Калас, зборувајќи во емисијата „The World with Yalda Hakim“, рече дека зависноста од руската нафта и гас директно ја поттикнува воената машина на Владимир Путин. „Го кажуваме ова веќе некое време, дека зависноста од руската нафта и гас всушност ја поттикнува и војната“, рече Калас, кој е и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Европската комисија предложи постепено укинување на увозот на руска нафта и гас до 1 јануари 2028 година. Иако повеќето земји-членки престанаа да увезуваат руска сурова нафта во 2022 година, Унгарија и Словачка продолжија да купуваат.
Калас нагласи дека постојат алтернативи. „Соседите околу овие земји, исто така, предложија алтернативи, па можеме да го направиме тоа“, рече таа, додавајќи дека не верува оти Унгарија или Словачка треба да бидат санкционирани, туку напротив, охрабрени да ги прифатат понудените решенија.
Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да воведат енергетски санкции врз Русија, но под еден услов – сите членки на НАТО да им се приклучат.
„Подготвен сум да воведам големи санкции врз Русија кога сите земји-членки на НАТО ќе се согласат и ќе почнат да го прават истото, и кога сите земји-членки на НАТО ќе престанат да купуваат нафта од Русија“, објави тој на својата платформа Truth Social.
Приходите од енергија остануваат клучен извор на финансирање за воените напори на Кремљ, што го прави извозот на нафта и гас главна цел на западните санкции.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека агресивните ограничувања би можеле да доведат до пораст на глобалните цени на нафтата, оптоварувајќи ги западните економии и потенцијално намалувајќи ја јавната поддршка за санкциите. Во меѓувреме, според Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух, членката на НАТО, Турција, треба да стане трет најголем купувач на руска нафта до 2023 година, зад Кина и Индија.