Се сеќавате на него? Беше херој на нацијата, а денес вози такси: „Сè ми зедоа, татко ми го уапсија, семејството го протераа …“

Точка

24/09/2025

16:21

8.022

Големина на фонт

а а а

Кога беше поврзан со обвинувањата за државниот удар во 2016 година и со муслиманскиот клерик Фетулах Ѓулен, тоа го означи почетокот на крајот за Хакан Шукур, кој набрзо остана без сè.

Фудбалската легенда Хакан Шукур загуби сè во својата татковина Турција откако одлучи да ја заврши блескавата кариера и да се посвети на политиката. Поранешниот напаѓач на миланскиот Интер и Галатасарај тврди дека актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган го уништил, му одзел се што имал и го протерал од државата во која беше обожуван со години.

Шукур, кој постигна 51 гол во дресот на репрезентацијата и го освои третото место на СП 2002 во Јапонија и Јужна Кореја, денес нема ништо од тие успеси – во својата земја не смее да се врати доколку сака да остане слободен човек. Тоа му се случува затоа што реши да биде опозиција на Ердоган, кој, според него, со ригорозни и брутални методи се справува со сите кои му се спротивставуваат.


„Тука почнаа непријателствата. Со камења го гаѓаа бутикот што го водеше сопругата, децата ми ги малтретираа на улица“, раскажа Хакан Шукур за дел од своето болно искуство.

„Стигнуваа закани по секое мое јавно обраќање. Откако ја напуштив земјата, го уапсија татко ми, а сè што имав – конфискуваа. Немам ништо повеќе никаде во светот. Ердоган ми го одзеде сето право – правото да бидам слободен, правото да се изразувам без последици, правото на работа“, додаде славниот фудбалер.

Неговата приказна минатата година доби продолжение кога откри со што се занимава за да преживее откако се пресели во САД. По отворањето барови и ресторани, од кои подоцна се откажа, заработката ја пронајде како возач на „Uber“ на американско тло, каде што најде сигурност бегајќи од режимот кој сакаше да го осуди и испрати во затвор.


„Никој не успеа да објасни каква била мојата улога во тој државен удар. Никогаш не направив ништо противзаконско, не сум предавник ниту терорист. Можеби сум противник на овој режим, но не сум непријател на државата ниту на турскиот народ – ја сакам својата земја“, изјави тој за германскиот „Welt Am Sonntag“.

Во татковината не смее да се врати до понатамошно известување, а таму, според извори, дури и споменувањето на неговото име се смета за опасно.