Народната банка започна проект за модернизација и унапредување на статистиката и платните системи

Макфакс

24/09/2025

13:32

97

Големина на фонт

а а а

Народната банка, со поддршка од Европската Унија, започна со остварување на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“. Целта на проектот е модернизација на институцијата и приближување до европските стандарди, што ќе овозможи посигурни услуги и поголема доверба кај јавноста.

Проектот се состои од две клучни компоненти: статистиката и платните системи – области коишто претставуваат темел на монетарната политика и модерната финансиска инфраструктура.

Првата компонента се однесува на воспоставување склад на податоци за екстерните статистики. Овој податочен склад ќе овозможи современ, автоматизиран и флексибилен модел за собирање, обработка и анализа на податоците за билансот на плаќања, странските директни инвестиции и меѓународната инвестициска позиција. И покрај високото ниво на усогласеност со европските барања, дигитализацијата на процесите ќе овозможи попрецизни, подетални и меѓународно споредливи податоци. Модернизацијата на техничките решенија коишто се користат во процесот на подготовка на квалитетна и навремена статистика, ќе овозможи подобар пристап до информации за граѓаните, компаниите и за институциите, ќе ја зголеми ефикасноста и транспарентноста во работењето и ќе ја поддржи земјата во подготовките за пристапување кон Европската Унија.

Втората компонента е усвојување на новиот светски стандард ISO 20022 во платниот систем МИПС. Усвојувањето на овој меѓународен стандард ќе ја засили интероперабилноста помеѓу домашните и меѓународните платни системи, а особено платните системи со кои управува Европската централна банка и во рамките на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како основа за забрзување, поедноставување и поевтинување на прекуграничните плаќања во иднина. Придобивките од овие промени несомнено ќе ги почувствуваат сите сегменти на економијата – банките, компаниите, населението и државата. Со оваа трансформација се создаваат предуслови за поефикасни финансиски пазари, посилна конкурентност и поефикасно управување со ликвидноста на банките и компаниите, како и за подобро корисничко искуство за граѓаните.

Гувернерот Трајко Славески посочи: „Европската Унија, како една од најзначајните партнерки на Народната банка, постојано ги поддржува нашите заложби, благодарение на што, нашата централна банка постигна значителен напредок во унапредувањето на централнобанкарските активности ‒ од создавање алатки за објавување податоци (модерен веб-портал), преку поддршка за развивање нова статистичка област ‒ статистиката на финансиските сметки, како и поддршка на голем број активности поврзани со новиот Закон за платежни услуги и платни системи и со пристапувањето во СЕПА. Заедно со европското централнобанкарско семејство, учиме и се приближуваме кон најдобрите меѓународни стандарди, но и градиме ИТ-инфраструктура за нивна примена.“

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас посочи: „Ова не е само технички проект, туку инвестиција во отпорноста, транспарентноста и довербата — инвестиција во модернизацијата на банкарскиот систем. Приклучувањето на Северна Македонија кон единствената област за плаќања во евра оваа година ќе придонесе за надградба на статистичката и платежната инфраструктура, што дополнително ќе ја усогласи земјата со европските стандарди и ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и за економијата во целина.“