Кремљ денес реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја нарече Русија „хартиен тигар“ и порача дека Владимир Путин „треба ги цени неговите напори во решавањето на војната во Украина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија е мечка, а не тигар, и додаде: „Не постои мечка од хартија“.
Песков, исто така, коментираше за можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека „средба меѓу двајцата без соодветна подготовка би било ПР-шоу осудено на неуспех“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека земјите-членки на НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор.
Тој, исто така, рече дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја зазеде од почетокот на инвазијата, иако претходно изјави дека и Киев и Москва ќе мора да се откажат од дел од својата територија за да се стави крај на војната.