Тие се трета војска во НАТО, но што ако дојде во војна?: „Импресивни се, но им недостасува едно нешто“

Точка

23/09/2025

19:04

1.101

Големина на фонт

а а а

Во Европа, Полска е трета по големина на војската (по Турција и Украина), а планира да достигне бројка од 300.000 војници до крајот на деценијата.

Полска не е способна да ги „заштити луѓето“ во случај на „масовен руски воздушен напад“. Тоа неодамна го изјави украинскиот претседател Влодимир Зеленски откако 19 руски беспилотни летала влегле во полскиот воздушен простор, а само четири биле соборени. Во разговор за „Sky News“, Зеленски рекол дека военото искуство станало клучен фактор. „Ако го споредите фактот дека уништивме 700 од 810 беспилотни летала, а Полјаците четири од 19 јасно е дека не можат да ги заштитат луѓето ако се соочат со масовен напад“, истакна тој.

Упадот на беспилотните летала на полска територија и ваквите коментари го отворија прашањето за силата на полската армија.


Полска е една од најсилните воени сили во Европа и клучен член на НАТО, особено поради нејзината локација на источната граница на Алијансата и зголемената модернизација по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Според индексот на „Global Firepower“ (GFP) за 2025 година, Полска е рангирана на 21-во место од 145 земји во светот со вкупен индекс на сила од 0,3776, при што понизок резултат укажува на посилна војска.

Ова е подобрување во однос на претходните години (24-то место во 2011 година), што ја одразува брзата модернизација.

Трета НАТО армија

Во Европа, Полска има трета најголема армија (по Турција и Украина) и планира да достигне вкупно 300.000 војници до крајот на деценијата, со цел до 500.000, вклучувајќи ги и резервистите.

Полска инвестира многу во одбраната, планирајќи 4,7 проценти од БДП (повеќе од 45 милијарди долари) за 2025 година, што е највисок удел во НАТО. „Историјата нè научи дека мора да бидеме подготвени за сè“, велат полските лидери, оправдувајќи ги ваквите инвестиции.


Вооружените сили на Република Полска се состојат од пет гранки: копнени сили, воздухопловни сили, морнарица, специјални сили и територијална одбрана.

Полска има над 200.000 активни војници, што ја прави трета најголема армија во НАТО по САД и Турција. Исто така, има околу 400.000 резервисти, до 500.000, вклучувајќи ја и територијалната одбрана. Во случај на долготраен конфликт, во траење од четири години, се проценува дека Полска може да мобилизира до 2,4 милиони луѓе со обука и опрема.

800 тенкови и 100 борбени авиони

Што се однесува до оружјето и опремата, ситуацијата брзо се менува, со многу нарачани работи, но најзначајните бројки се околу 800 тенкови, вклучувајќи ги Леопард 2, PT-91 Тварди и М1 Абрамс.

Полјаците исто така имаат речиси 100 борбени авиони, вклучувајќи ги Ф-16 и МиГ-29, со планови за 32 авиони Ф-35 до 2030 година. Тие имаат 100 хеликоптери, вклучувајќи нарачка за 96 „H-64 Apache“ борбени хеликоптери.


Морнарицата има две фрегати, една корвета и нема подморници, и тоа е најмалку опремениот дел од војската.

Полскиот воен аналитичар Михаел Цулда предупреди: „Полска има импресивна армија, но ѝ недостасуваат резерви со муниција за долгорочен конфликт. Околу 50 проценти од нејзината опрема е сè уште од советско потекло, што ја отежнува интеграцијата со стандардите на НАТО“.

Две недели отпор

И шефот на полската Канцеларија за национална безбедност, Дариуш Луковски, ова лето изјави дека полската армија има доволно резерви за да се спротивстави на непријателски напад две недели пред да пристигнат засилувањата на НАТО.

Аналитичарите велат дека полскиот пример покажува дека создавањето моќна армија е долг и сложен процес. Не е доволно само да се купи најдоброто што се нуди на пазарот.

Бен Хоџис, поранешен командант на американските сили во Европа, во неодамнешно интервју за „Defense News“ изјавил: „Полска има импресивен број војници, но ѝ недостасува длабочина во обуката за сложени операции. Тие треба да инвестираат во симулации и заеднички НАТО вежби“.


Сепак, американскиот воен аналитичар Мајкл Кофман рече дека главниот проблем е интеграцијата.

„Полска брзо ја заменува советската опрема со ХИМАРС и Ф-35, што ја прави способна за високотехнолошко војување. Меѓутоа, интеграцијата на толку многу различни системи (американски, корејски) создава логистички кошмари“.

Во полското општество и политика нема поделба околу потребата земјата да биде воено што е можно посилна. Сега е и економски силна сила, а нејзината геополитичка позиција и фактот дека се граничи со Украина, Белорусија и Русија преку енклавата во Калининград не остава простор за опуштање.


Главен руски противник

Во последните две децении, Полска стана лидер во промовирањето на интересите на источноевропските земји во рамките на ЕУ и НАТО, главен противник на Русија и сојузник на САД.

Логистичката и воената поддршка на украинската држава и хуманитарната поддршка на украинските бегалци од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година ја зајакнаа позицијата на Полска во рамките на западниот блок.

Планот за развој на армијата до 2035 година бил направен со претпоставка дека дотогаш нема да има војна со Русија. Се состои од два дела, програма за модернизација на војската и зголемување на бројот на активни војници на речиси половина милион.


Неодамна било објавено дека Полска размислува да побара француски нуклеарен штит бидејќи нема свој нуклеарен арсенал, што е клучна слабост во однос на Русија.

Полскиот премиер Доналд Туск силно ја поддржува забрзаната модернизација на армијата.

Во своето последно обраќање пред парламентот, тој рече дека Полска во моментов е најблиску до отворен конфликт од Втората светска војна. Меѓу другото, тој рече дека секој возрасен маж ќе мора да помине воена обука.


„Полска мора да се подготви за различни сценарија. Нашата армија мора да биде способна да одбие секоја закана“.