Премиерот Христијан Мицкоски, денес уште еднаш им се извини на скопјани за тоа што пред четири години ја поддржал кандидатката Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на новата спортска сала во училиштето „Димитар Поп Беровски“, премиерот изјави дека чувствува одговорност што ја поддржал Арсовска и најави дека за сегашната состојба поради која градот е затрупан со ѓубре, ќе има одговорност и дека на тоа веќе работат надлежните.
„Работиме внимателно. Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика, која е многу внимателна. Процесите што ги водите имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“, одговори премиерот Мицкоски на прашањето дали МВР влегло во ЈП „Комунална хигиена“, каде што очигледно нешто ги сопира камионите да излезат и да го соберат ѓубрето.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска со реакција по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека чуствува одговорност што ја поддржал Арсовска и најави дека за сегашната состојба поради која градот е затрупан со ѓубре ќе има одговорнсот.
„Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот: не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета.
Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажа да не гласаат“, пишува Арсовска во нејзината реакција.
Ако сакаше да има одговорност, требаше, додава таа, твоите советници да дадат оставка, за да сега ти, заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје.
„Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си.
Администрација во град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе кои се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од вас, тоа се луѓе кои вие и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години.
❤️Мицкоски НЕСРЕЌО, јас завршувам со борбата во која ТВОЈОТ претседател на совет на Град Скопје и ТВОИТЕ советници 4...
Posted by Danela Arsovska on Wednesday, September 24, 2025
И за крај, ти и твојата администрација имате одговорност затоа што
– над 60 деца без вина ви настрадаа во Кочани и ништо не превземате
– ви изгоре пола држава за да си прави некој простор за фотоволтаици
– ви изгоре отпад во Трубарево еко катастрофа пред очите на сите твои институции кои не реагираат
– убиства ви се случуваат пред очи секој ден
– убиваат жени кои тебе и твојот министер Тошковски во очај ве молеле за помош:
Арсовска дополнително прашува дали ќе има одговорност за над 150 небезбедни нелегални дивоградби висококатници кои секој момент може да се срушат во Чаир.
„Оди скриј се и молчи!
Отпадот ќе се исчисти за една недела бидејќи тебе ќе ти треба успешен градоначалник, фирмичките приватни ви се подготвени за акција, ама животите и здравјето на невините за кои си ти одговорен нема да ти ја исчистат совеста!
П.С Луке брзо смислувај нов постер за Мицкоски да дефокусира, глуми жртва и бега од новинарски прашања“, додава во напишаното Арсовска.