Дурмиши со раководството на ЦАМЛ: Заеднички чекори за одржлив развој со фокус на работни места

Макфакс

24/09/2025

16:29

95

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), Гавин Ферар. На средбата присуствуваше и директорот за одржливост на Рудник САСА, Ивица Талевски.

Разговорите беа насочени кон досегашниот развој на рударскиот комплекс „САСА“, кој е една од најзначајните компании во рударската индустрија во државата, како и кон плановите за понатамошни инвестиции и примена на меѓународни стандарди во одржливото работење.

ЦАМЛ е во процес на завршување на повеќегодишна програма за капитални инвестиции во САСА, во вкупна вредност од приближно 47 милиони американски долари. Оваа програма има за цел воведување нови рударски методи и усогласување на складирањето на минералниот отпад со најдобрите меѓународни практики.

Менаџментот на компанијата го информираше Дурмиши за досегашните резултати од работењето и потенцијалот за понатамошен раст, вклучително и во делот на заштита на животната средина и подобрување на условите за работа на вработените. Притоа беше истакнато дека создавање на поволни услови за натамошен одржлив развој на рудникот и неговиот придонес за локалниот економски развој во Македонска Каменица остануваат врвен приоритет на компанијата.

Министерот ја нагласи поддршката од Владата за сите инвеститори кои покажуваат долгорочна визија и одговорност кон локалната заедница.

„Со успешни инвестиции како оваа, ја зајакнуваме економијата, обезбедуваме услови за стабилни работни места и испраќаме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна и атрактивна дестинација за инвестирање. За нас како министерство и Влада секое работно место значи подобар стандард за граѓаните“, рече министерот.

На средбата, соговорниците се согласија дека клучно е продолжувањето на соработката во насока на развој на рударската индустрија со почитување на највисоки стандарди за здравје и безбедност на работниците, како и заштита на животната средина.