Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со вишиот специјалист за енергетика при Светска банка, Редон Беголи.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка помеѓу Македонија и Светска банка во областа на енергетиката, со акцент на проекти кои ќе придонесат за зголемување на енергетската безбедност, ефикасност и одржливост.
Во октомври, на Годишното собрание на Светска банка во Вашингтон, државите ќе имаат можност да поднесуваат предлог-проекти за кои се бара финансиска и стратешка поддршка. Македонија ќе аплицира со неколку проекти, но како најзначаен се издвојува проектот за изградба на гасна интерконекција со Република Србија – инфраструктура од големо значење за регионалното поврзување и стабилноста на снабдувањето со енергенси.
Од Министерството посочуваат дека овој проект ќе овозможи диверзификација на изворите и правците на снабдување со природен гас, што е од суштинско значење за економската конкурентност и енергетската независност на земјата.
„Дополнително, Светска банка ќе биде непроценлив партнер и во финализирањето на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија, како и во подготовката на нови програми и политики за унапредување на енергетската ефикасност. Со овие активности ќе се создаде основа за поефикасно насочување на мерките кон најранливите категории граѓани и обезбедување праведна енергетска транзиција“, велат од Министерството.
Министерката Божиновска нагласи дека Владата останува посветена на спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор и на зајакнувањето на партнерствата со меѓународните институции. „Со заеднички проекти и координирана поддршка, ќе ја унапредиме енергетската инфраструктура и ќе обезбедиме долгорочна сигурност и стабилност на енергетскиот систем во корист на граѓаните и економијата“, изјави министерката.