Топлината предизвика повеќе од 62.700 смртни случаи во Европа минатата година, кои се поврзани со невообичаено високите температури и влажност, што е зголемување од речиси 25 проценти во споредба со 2023 година, покажуваат резултатите од студијата на Институтот за глобално здравје во Барселона (ISGlobal), објавени денес во списанието „Нејтр медицин“.
„Повеќе од 181.000 смртни случаи поврзани со топлината се регистрирани во Европа од летото 2022 до летото 2024 година“, изјави Џоан Балестер Кларамунт, главен автор на студијата.
Исто како и во 2022 и 2023 година, Италија беше убедливо најпогодена од непријатната летна топлина минатата година. Според проценките на експертите, помеѓу 1 јуни и 30 септември 2024 година, во таа земја починале 19.000 луѓе како резултат на летната жештина.
Шпанија е втора со повеќе од 6.700 смртни случаи, по што следи Германија со околу 6.300 смртни случаи. Според податоците, по неа следуваат Грција со нешто помалку од 6.000 смртни случаи и Романија со повеќе од 4.900 жители кои подлегнале на последиците од жештината. Постарите лица се најмногу изложени на ризик.
Рангирањето се менува кога проценетиот број на смртни случаи поврзани со жештината се споредува со населението на дадена земја. Податоците од студијата покажуваат дека во овој случај Грција е на прво место со 574 смртни случаи предизвикани од жештина на милион жители, по што следуваат Бугарија со 530 и Србија со 379. Во 15 од 32 проучувани земји, летото 2024 година беше најсмртоносно во последните неколку години. Во некои земји, како што се Германија, Шпанија и Франција, летото 2022 година беше уште полошо. Генерално, истражувачите забележале дека во Европа во 2022 година имало малку повеќе смртни случаи поврзани со топлина отколку во 2024 година. Фактори како што се регионалните разлики во температурата и влажноста играат важна улога во ваквите варијации. Истражувачите истакнаа дека постарите лица се особено изложени на ризик