„BMW“ објасни зошто во новите електрични модели „BMW i3“ и „BMW iX3“ се откажа од класичниот волан со три краци.

Точка

01/04/2026

09:56

471

Големина на фонт

а а а

Воланот со два краци, поставени на позициите 6 и 12 часот, е еден од најкоментираните детали во ентериерот на новите модели „BMW iX3“ и „BMW i3“.

Додека едни го гледаат како храбар дизајнерски потег, други сметаат дека отстапува од традицијата на која возачите на овој бренд се навикнати.

Главниот дизајнер на „BMW“, Адријан ван Хојдонк, е свесен за поделените мислења, но истакнува дека овој потег не е донесен без причина.


Клучното прашање е – зошто токму ваков волан?

Иако делува како радикален дизајнерски пресврт, приказната всушност започнува од сосема друг елемент – новиот систем за приказ.

Новиот „BMW i3“ користи „Panoramic Vision“, тесен дигитален приказ со ширина од околу 4 сантиметри, кој се протега долж долниот дел од ветробранското стакло, пишува „BMW blog“.

Овој систем му овозможува на возачот да ги следи клучните информации како брзина, навигација и домет без да го тргне погледот од патот.

За тој приказ да биде јасно видлив, инженерите морале да ја „ослободат“ линијата на поглед. Тоа довело до отстранување на хоризонталните краци на воланот и воведување вертикални.

Резултатот е волан со само два краци – решение кое не е создадено поради естетика, туку како директна последица на новата технологија во кабината.


А што е со командите на воланот?

Тука „BMW“ носи едно од најинтересните решенија. Кај класичните волани, контролите за палците се наоѓаат на хоризонталните краци, што често бара мало поместување на раката за нивно користење.

Во новото решение, „BMW“ ги помести командите подлабоко во самиот обрач на воланот, така што палците природно паѓаат врз нив без дополнителен напор. Како што објаснува ван Хојдонк, целта била управувањето да биде што поинтуитивно и поедноставно.

Уште поинтересен детаљ се крие во конструкцијата – помеѓу командите и централниот дел на воланот постои физички простор.

Копчињата не се поврзани со центарот, туку се поставени како посебни „сателит“ единици на обрачот на воланот.

Иако на прв поглед изгледа необично, ваквото решение не е тука поради дизајнот, туку претставува внимателно осмислено ергономско унапредување, истакнува ван Хојдонк.