Министерството за животна средина и просторно планирање објави резултати од спроведените мерења на квалитетот на воздухот во Трубарево, една недела откако избувна големиот пожар.
Се работи за анализа од земени примероци за присуство на тешки метали во воздухот, од минатиот викенд – 13 и 14 септември.
Квалитет на воздухот во Трубарево – резултати од тековната состојба и по пожарот
Министерството за животна средина и...
Posted by Министерство за животна средина и ПП / Ministria e Mjedisit Jetësor dhe PH on Friday, September 19, 2025
„Измерени се 59,1 ng на метар кубен концентрација на кадмиум во воздухот од дозволените 5. Има зголемување на концентрацијата на арсенот, од максималните 6, измерени се 8,9 нанограм на метар кубен. Во воздухот имало 0,75 микрограми концентрација на олово од дозволените 0,5. На тешкиот метал никел нема надминување на дозволените граници. Но, тековните мерења покажаа дека веќе состојбата на воздухот е стабилизирана и е во рамките на границите“, велат од МЖСПП.
Мерењето на квалитетот на воздухот во Трубарево доаѓа откако во саботата се запали фабриката „Ф-групација“ каде што имаше складирано електронски и електричен отпад, а црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
По зачестените пожари за кои власта тврди дека се подметнати, премиерот Мицковски најави законски измени со кои подметнувањето пожар ќе биде оквалификувано како „тероризам“, а за фрлање ѓубре на јавен простор ќе се предвиди казна затвор од над пет години, пренесува „Слободен печат“.