Пентагон им ограничи на новинарите да известуваат за војската

Нетпрес

21/09/2025

09:00

127

Големина на фонт

а а а

Американското Министерство за одбрана воведе нови ограничувања за новинарите што известуваат за Пентагон, наложувајќи им да не собираат или користат информации за кои немаат официјално одобрение за објавување, или нивните акредитиви за известување ќе бидат одземени.

Меморандумот од 17 страници испратен до медиумите од Пентагон наведува дека сите информации за објавување мора однапред да бидат одобрени од овластено службено лице, дури и ако не се класифицирани, објавија американските медиуми во саботата вечерта.

Новинарите ќе мора писмено да се обврзат дека нема да објавуваат никакви претходно неодобрени информации.

Со тоа ефективно се забранува објавувањето на материјал што потекнува од неименувани функционери, пишува AFP.

На новинарите им е ограничено и движењето во објектот на Пентагон, а големи делови од зградата се прогласени за недостапни за пристап без придружба.

Иако пристапот до многу канцеларии и сали за состаноци во Пентагон претходно беше ограничен, новинарите досега имаа пристап без придружба до поголемиот дел од зградата и нејзините ходници.

Во Пентагон моментално има околу деведесет новинари акредитирани за известување за американската војска.

Американските медиуми проценуваат дека овој потег би можел драстично да го ограничи протокот на информации за американската војска.

Национално здружение на новинари – National Press Club, ја нарече одлуката „директен напад врз независното новинарство“ и побара таа веднаш да се укине.

Ова е најновата мерка на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за контрола на медиумското известување, сметаат неговите противници во медиумите кои овие упатства за новинарското известување во Пентагон ги гледаат како следствено по острите критики на Трамп за медиумското известување на САД за него и неговата администрација, кое тој го смета за претерано негативно.