Новата студија на Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско следела 3.000 лица со просечна старост од 74 години во текот на две години.
Резултатите покажале дека лицата кои редовно користеле лекови за спиење имале 79 отсто поголем ризик од развој на деменција во споредба со оние кои ретко или никогаш не ги користеле.
Научниците сметаат дека ризикот може да биде поврзан со социоекономскиот статус и т.н. „когнитивна резерва“, односно способност на мозокот да се справи со оштетувањата.
Исто така видот и дозата на лекот имаат важна улога во ризикот, па некои лекови можат да бидат поопасни од други.
Студијата предупредува дека лековите не треба нагло да се прекинуваат
Експертите предупредуваат дека лековите за спиење не треба да се прекинуваат нагло, особено бензодиазепините (група лекови кои се користат за смирување, лекување анксиозност, несоница, панични напади и некои други слични состојби) поради ризикот од влошување на несоницата и симптоми на одвикнување како што се анксиозност и раздразливост.
Се препорачува постепено намалување на дозите со надзор на лекар.
Покрај лековите на рецепт, истражувањата ја испитувале и ефикасноста на природните препарати како што се валеријана, мелатонин и канабиноиди, но резултатите се помешани и засега нема јасни докази за нивната безбедност и ефикасност.
Исто така докторите советуваат да се внимава кај користење на антихистамини со антихолинергиско дејство затоа што тие можат да предизвикаат когнитивно оштетување, вртоглавица, поспаност и зголемен ризик од падови што особено е опасно кај постарите лица.
Заклучок
Иако лековите за спиење можат краткорочно да помогнат при несоница, ова истражување ја нагласува потребата за наоѓање побезбедни и долгорочни решенија, како што се промена на начинот на живот, когнитивно-бихевиорална терапија и внимателно следење на пациентите.