Полска подигна борбени авиони поради руски напади врз Украина

Макфакс

20/09/2025

15:45

232

Големина на фонт

а а а

Полските воздухопловни сили, заедно со сојузнички сили од НАТО, утрово беа ставени во состојба на највисока борбена готовност поради масовните руски воздушни напади врз Украина. Како што соопшти Оперативната команда на полскиот Генералштаб, воени авиони биле подигнати во воздух, а активирани биле и системите за противвоздушна одбрана и радарско следење.

„Во согласност со стандардните процедури, активирани се сите расположливи сили и ресурси за заштита на воздушниот простор на Полска“, се наведува во соопштението објавено на социјалната мрежа X.

Руските сили утрово започнаа комбиниран напад врз неколку украински региони, користејќи крстосувачки ракети и дронови. Експлозии одекнале во Павлоград, Николаев и Днипро, каде што е потврдена и една жртва – лице кое загинало при напад на станбена зграда. Според украинските власти, најмалку 13 лица се повредени, а значителна материјална штета е пријавена и на приватни и деловни објекти.

Регионалната воена администрација потврди напади и во околината на Киев, вклучително и во Буча, Бориспољ и Обухив, каде што се регистрирани уништени куќи, гаражи и возила.

По завршувањето на руските удари, полските и сојузничките сили се повлекоа, а сите системи се вратени во нормален режим на работа.

Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека си вратила контрола над седум населени места во Доњецка област, при што напредувала за три до седум километри.

Според извештаи на Униан, Русија користела и ирански дронови „Шахед“ за директни напади врз урбани цели, што експертите го оценуваат како показател за недостаток на соодветна техника за прецизни воздушни операции.