„Xiaomi“ сака да ги сруши Германците: Новата цел е титулата за најбрз "SUV"

Точка

19/09/2025

16:58

559

Големина на фонт

а а а

Иако е релативно нов играч во автомобилската индустрија, „Xiaomi“ веќе се докажа како еден од најиновативните и најпопуларни нови брендови во Кина. Нивната лимузина „SU7“ и кросоверот „YU7“ се продаваат исклучително добро, а по тоа што со моделот „SU7 Ultra“ предизвикаа конкуренција на „Porsche“ и „Rimac“, изгледа дека и „YU7“ наскоро ќе ја добие својата високоперформансна верзија.

Новиот модел, кој се очекува да ја носи ознаката „YU7 GT“, неодамна беше забележан за време на тестирања на легендарната патека „Nürburgring“. „Xiaomi“ не се потруди многу да го скрие возилото – само го прекри со едноставна црвено-бела камуфлажна фолија, која открива клучни детали.

Поагресивен изглед и тркачки компоненти

На прв поглед, промените изгледаат суптилни. Предниот дел е речиси идентичен со стандардниот „YU7“, но повнимателен поглед открива проширени предни и задни крила. Тие овозможуваат поширок траг и поголеми тркала, а тестниот автомобил е опремен со гуми „Pirelli P Zero Trofeo RS“, дизајнирани за хиперавтомобили – што јасно укажува на перформансите.

Зад фелните се кријат масивни карбон-керамички сопирачки со жолти клешти – систем кој ветува сила на запирање неопходна за контрола на очекуваниот пораст на моќноста.

Колку интензивно Кинезите работат на тестирање на новиот „YU7“ доволно говори и 24-часовниот предизвик во кој возилото поминало 3.944 километри со просечна брзина од 210 km/h, а на полнач просечно задржувало само околу 12 минути.

Погонски склоп и лов на рекорд

Тековниот врвен модел на понудата, лимузината „SU7 Ultra“, користи три електромотори кои заедно испорачуваат 1.526 коњски сили и 1.770 Nm вртежен момент. Иако сè уште нема официјални информации дали „YU7 GT“ ќе има иста моќност, речиси е сигурно дека ќе користи сличен систем со три мотори и ќе развива повеќе од 1.000 коњски сили.

Доколку тоа се покаже точно, се очекува „YU7 GT“ да го симне од тронот моменталниот рекордер за најбрз SUV на „Nürburgring“ – „Audi RS Q8 Performance“. За да успее во тоа, ќе мора да постави време побрзо од 7:36.698. „Xiaomi“ очигледно е решен да докаже дека припаѓа на самиот врв во сегментот на високо перформансни SUV модели.