„Ако сум направил нешто компромитирачко или противзаконски, зошто нема пријава против мене?“, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Дојче веле, по скандалот со тајното следење.
ДВ: Колку злоупотреби од тајните служби по глава на жител може да поднесе Македонија и кога еднаш ќе им се стави крај? Вербата во последново кај граѓаните не е голема, имајќи го предвид исходот од претходните такви случаи. Верувате ли вие во разрешница на последниов случај?
Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во Oбвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал. Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата.
Дали индициите за злоупотреби во АНБ, но и во АР, за кои вие и претходно алармиравте, го легитимираат ставот за реформирање и реорганизација на АНБ и АР со нивно спојување во едно тело – идеја за која и надвор од ВМРО-ДПМНЕ има поддржувачи, но и опоненти?
Одговорноста што треба да се лоцира е само еден сегмент. Вториот сегмент е подеднакво важен – превенцијата и напорот тоа да не се повтори. Искуството нè учи дека е очигледна потребата од реформи и потребно е да се рационализира овој дел од безбедносниот систем. Сè што би се правело ќе биде во координација со нашите партнери и сојузници. Ќе се земат предвид најдобрите искуства и нивните препораки. Но кога тоа ќе се случи, во моментов не може да се каже, сепак е потребно време за да се направи план за една сеопфатна и длабока реорганизација на службите. Настаните само докажуваат дека нешто мора да се преземе, дека службите треба да имаат системи на цивилна контрола, да се раководат одговорно и професионално и да се спречува нивна злоупотреба. Со оглед на тоа што го објаснува опозицијата, па дури и нивниот поранешен директор кој упорно си ја „брка мувата од капата“, тие можат да измислат причина за секој во државата да биде следен и да ја поткрепат со измислена изјава на двајца нивни соработници. Потоа да почнат да следат некого, а зад тоа вистинските цели и намери да бидат политички, бизнис или рекетарски. Наместо да се занимаваат со бандите од Грчец, Арачиново и со криминалот на ДУИ и нивните функционери, или со криминалот на сите политичари од 90-тите па до денес, или со повратниците од Сирија, службата ме следела мене и моите деца. Тоа може да го направи само болен ум. А тој болен ум може да најде медиокритети кои потоа ќе го правдаат тоа на секој можен начин по медиумите, тврдејќи дека службата си ја вршела својата работа следејќи криминалци, па „случајно“ Мицкоски се фатил на јадицата. И? Вам тоа ви изгледа логично? Или е само лажно оправдување за да ме следат? Ако било така, зошто не сум уапсен? Ако сум направил нешто компромитирачко или противзаконски, зошто нема пријава против мене?
Во меѓувреме слушнаме одредени изјави од поранешен директор на АНБ, но и прашања од СДСМ, кои пак отвораат дополнителни прашања…
Како тоа сега измислуваат различни изговори, откако се фатени живи, СДС едно кажува, Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези, така што е јасно како бел ден дека се уплашени. Сакам уште еднаш да им порачам, секој што учествувал во тоа ќе одговара. Ако имало нешто против мене, зарем тие, како бран залетани – би ми простиле, кога половина ВМРО и виновни и невини ги натрупаа во случаи? Сега, пак, се уплашени, а јас со задоволство гледам како се прпелкаат од страв, паника и полни со неизвесност. Не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел, дали ќе има конечна разрешница. Во оваа состојба, тие не се ни свесни до крај дека ова нема добро да заврши за нив. Затоа губат време пишувајќи анонимни писма, и тоа токму инспираторите на ова – како ќе глумат жртви, како ќе напаѓаат ширејќи магла и дезинформации. Забавно е да се гледа како тие исти инспиратори се мобилизираат и ги мобилизираат сите нивни соработници, кои „никнуваат“ од разни страни. Сè си се покажува точно како што очекувавме. И јас сум задоволен од тоа што досега се случува. И тезата дека сум „случајно“ фатен додека следеле други е смешна и истовремено трагична теза која е невистинита и наивна, па ако е така зошто тогаш само мене ме следеле и очигледен фокус на следењето сум јас? Ако сум „ловен“ преку други, тогаш за нив ќе има документација, а вака само за мене има. Тотална небулоза им е тезата и срам ми е дури и да ги слушам како се препелкаат и преткаат со рацете, па ако удрат и погодат нешто – супер. Па овде живее искусен и мудар народ. Ви ги знае триковите. Ве виде на дело. Каде е животот што го ветувавте? Срамни се овие потценувања кон сопствениот народ кои упорно ги продолжуваат. СДС, за жал, не се менува и огромна е опасноста како тргнале да станат маргинална партија и нивниот простор да го заземе некој друг. Но тоа е нивни проблем. Исто како што е нивни проблем, т.е. на нивните функционери и нивна одговорност тоа што ќе следи во овој процес за следење и злоупотреби на службената положба.
Претседателот на СДСМ предлага декларација за национален консензус за европската интеграција, а истовремено тврди дека „во ниту еден документ не се загрозени националните интереси, ниту е направено предавство“. Зошто е потребна нова декларација ако ништо не е загрозено?
Проблемот е што Венко Филипче и оваа гарнитура на СДСМ го загубија кредибилитетот да зборуваат за црвени линии, откако претходно нема црвена линија што не ја пречкртаа. Прво самите поддржаа декларација што гарантираше непромена на името, па потоа го сменија. Веднаш потоа рекоа „ајде на референдум за името“, а потоа не ги признаа резултатите откако тој пропадна. Потоа се обврзаа на декларација за заштита на националните интереси пред бугарските барања – нешто што го предложи ВМРО-ДПМНЕ – и на тацна го донесоа францускиот предлог, а Филипче го бранеше дека тоа е најдоброто нешто за државата. Воедно, тука има и едно лицемерие. Од една страна Филипче се опкружува со некакви црвени линии, а во исто време вели дека промената на Уставот, каква што е содржана во францускиот предлог, е најдоброто нешто за државата. Тогаш зошто му се црвени линии? Сакам да кажам дека и комита и јаничар во исто време не може. Неговата партија се наоѓа во тотална безидејност и на оваа негова идеја гледам како на обид да наметне тема што би привлекла внимание. Но залудно. Еве го повикувам со нетрпение да ги видиме неговите црвени линии.
Изјавата на Филипче дека „го прифатиле францускиот предлог затоа што таков дошол подготвен од ЕУ и било јасно дека друга шанса нема да имаме“ не зборува добро за нашата дипломатија. Може ли да се гради државна позиција во стилот „дај што ќе дадеш“, или пак со предлогот „ако се случи ново вето, да ги прекинеме преговорите со ЕУ“?
Не мислам дека ниту ан-блок прифаќањето на францускиот предлог, ниту прекинот на преговорите со ЕУ е добро решение за иднината на државата. Тоа за мене е капитулација и неодговорно пред граѓаните. Нашата задача е да се бориме за нашите државни позиции и да ги убедуваме дека потребно е дијалогот да биде двонасочна улица. Дека ако од нас бараат нешто, тогаш и Бугарија треба да испорача. Тие мора да ги исполнат своите обврски согласно европските и светските конвенции за заштита на малцинските права. Во тој дух, неопходно е да се обезбеди и место за претставник на македонското малцинство во Советот за малцински права, како што е пропишано со меѓународните стандарди и принципи за еднаквост, а ние да ги заштитиме нашите интереси. Инаку, најлесно е да се потпише нешто за што подоцна би имале реперкусии илјадници граѓани со децении, или да се прекинат преговорите без да се обидеме да понудиме иднина за нашите деца. Затоа мора да се однесуваме одговорно и дораснато за целите што сакаме да ги постигнеме.
Продолжуваат ли дипломатските напори со цел интеграцискиот процес да стане попредвидлив?
Апсолутно. Тој мора да биде попредвидлив, но и попризнат за напорите што ги вложуваме како држава. Земјата се умори од тапкање по рамењата. Ние ги правиме потребните реформи и тука не заостануваме. Но, ако исполнуваме барања на други држави членки, тогаш сакаме да знаеме што добива Македонија од тоа. Ако ништо друго, искуството нè учи на тоа. Сменивме име, а не добивме ништо. Затоа сметам дека е потребно да добиеме извесност од Европската Унија, затоа што со право многу граѓани се разочаруваат од двојните стандарди што се применуваат во нашиот случај. И мора да добиеме гаранции за нашата европска иднина.
Со опозицијата не можете да се согласите ни околу параметрите во економијата. Секој процент на раст во одредена сфера наидува на деманти, критики… Станува ли збор само за рутинска опозициска критика или манирот „после нас – потоп“ е посилен од поривот земјата да напредува, без оглед кој е на власт?
Реков дека проблемот е во кредибилитетот со кој настапуваат. Тоа не се нови луѓе, туку истите кои кога дојдовме на власт оставија празна каса. Неисплатени субвенции, плати, блокирани сметки на државни институции и тотален хаос. За една година вративме обврзница, за 5 месеци ги исплативме заостанатите субвенции, покачивме плати во образование, полиција, култура и голем дел од администрацијата. Два пати ги зголемивме пензиите. Секако дека тоа не е доволно, но имаме четврти најдобар резултат на раст во Европа – раст на индустриското производство, извозот и БДП. Имаме раздвижување во туризмот и лански рекорд во странски инвестиции. Но, за да се почувствуваат повеќе пари кај народот потребно е малку повеќе време, и наредната година ќе биде година на економски развој и повеќе пари. За само година ипол ги ставивме во употреба: делницата Градско – Фариш од 25,7 километри, делницата Страцин – Крива Паланка од 25,5 километри, делницата Врбјани – Ботун од 20 километри. Тоа се 70 километри нови патишта. Со оваа делница од Кичево – Охрид бројката достигнува 87,5 километри. Знам дека нашите конкуренти имаат сува критика без реални аргументи и затоа често прибегнуваат кон конструкции и лаги. Но затоа ги чека дебакл на овие избори. Народот гледа.
Партијата наведе дека во мандатот на вашите 42 градоначалници за 4 години биле изградени/реконструирани 770 километри улици и патишта, 47 илјади метри нови водоводи, над 90 илјади метри канализациски мрежи, реконструирани 400 училишта, 280 спортски и детски игралишта и ред други остварувања. Со таков учинок, какви резултати очекувате во октомври?
Очекувам подобар резултат за нас од минатите локални избори и убедлива победа. Таквата победа за нас е пред сè одговорност и ќе биде заснована на нашата работа. Имаме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините што беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата – проблеми што се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата што со децении постоеше меѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците – достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. Знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту тоа сме ветиле, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. Сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централлната власт. Затоа верувам дека овие луѓе се вистинскиот избор за заедничката иднина.
Седум години бевте во опозиција. По една година на власт и по увидот во „крвната слика“ на земјата, во нејзините темели, проблеми и потреби – која е пораката што ја испраќате до граѓаните?
Се соочувавме со предизвици, поминувавме низ кризи и искушенија, но државата секогаш одново стануваше на нозе. Тоа е доказ дека силата не е во институциите или политиката сами по себе, туку во народот што верува во својата земја. Затоа денес, повеќе од кога било, потребно е да останеме обединети. Македонија има капацитет да биде успешна приказна – ако заедно ја движиме напред. Да градиме економија што отвора можности, општество што го наградува трудот и држава што го чува достоинството на секој човек. И затоа денес пораката е едноставна и силна – ќе успееме. Ќе успееме ако сме единствени, ако веруваме еден во друг и ако не се плашиме да мечтаеме големи соништа за Македонија. Ќе успееме затоа што оваа земја има вреден народ, младост што носи енергија и традиција што дава сила. Нашата иднина не е во сомнежите, туку во сигурната верба дека можеме повеќе. Да градиме економија што отвора можности, општество што го наградува трудот и држава што го чува достоинството на секој човек.