Во Хрватска веќе се тестира нешто што на прв поглед звучи необично, а всушност има логика – градот Самобор воведе „баба-дедо сервис“.
Пензионерите таму можат да добијат 360 евра месечно доколку се грижат за своите внучиња на возраст од една до четири години.
Мерката, која е пресликана од шведскиот модел, има цел да ги зајакне семејните врски, да обезбеди финансиска поддршка за постарите и, воедно, да им го олесни животот на родителите.
Градоначалничката Петра Шкорбот отворено вели дека на овој начин се спојуваат три работи: дополнителен приход за пензионерите, сигурност за родителите и топлина за децата.
Во Македонија, пак, неизбежно се поставува прашањето: дали вакво нешто би можело да функционира и кај нас?
Родителите сè повеќе се жалат дека не можат да најдат место во јавните градинки, приватните се скапи, а многумина се потпираат токму на своите родители за чување на децата.
„Во нашата земја, улогата на бабите и дедовците одамна не е само симболична, туку суштинска. Тие се практично првата линија на поддршка за младите семејства. Ако државата или општините воведат надоместок, тоа ќе биде признание за трудот што тие реално го вложуваат. Секако, треба добро да се утврдат условите за да нема злоупотреби“, вели социологот Љубица Маџовска.
Марика Трајаноска, 72-годишна прилепчанка, смета дека тоа би било праведно:
„Јас секој ден го чувам моето внуче по 6–7 часа. Снаата и синот работат и знаат дека можат да се потпрат на мене. Не ми е тешко, ама искрено – знам дека помагам колку цела градинка. Би било убаво барем малку да се почитува и нашата жртва. Ние не сме само пензионери што си седат дома и плетат“.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.