Поплави на Бали, најмалку девет лица загинаа

Макфакс

10/09/2025

18:41

170

Големина на фонт

а а а

Поплавите на индонезискиот остров Бали оваа недела убија најмалку девет лица, ги блокираа главните патишта во главниот град и го нарушија животот во прометната туристичка дестинација, соопштија денес официјални лица.

Силните дождови помеѓу вторник вечерта и среда предизвикаа големи поплави и убија пет лица во главниот град на Бали, Денпасар, изјави Абдул Мухари, портпарол на државната агенција за природни катастрофи.

Уште четири лица загинаа во регионите Џембрана, Џијањар и Бадунг, додаде Мухари. Две лица сè уште се водат како исчезнати.

Од 600 жители погодени од поплавите, речиси 200 се евакуирани од своите домови во училишта и џамии бидејќи нивните куќи се сè уште поплавени, соопшти агенцијата.

И. Њоман Сидакарја, раководител на агенцијата за пребарување и спасување на островот, изјави дека поплавите уништиле две згради во Денпасар и додаде дека пристапот до меѓународниот аеродром, кој се наоѓа недалеку од Денпасар, е ограничен бидејќи по патиштата можат да се движат само камиони.

Индонезискиот претседател Прабово Субианто изрази сочувство и му нареди на раководителот на националната агенција за катастрофи да отпатува на Бали за да ги води итни интервенции таму и да ги гарантира основните потреби на населението.