Филипче во Франција: Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси

Макфакс

09/09/2025

14:40

183

Големина на фонт

а а а

Македонија мора да продолжи по европскиот пат, активно, со резултати и визија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамките на работната посета на Париз, Франција.

Филипче посочи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националниот интерес и позициите на Маједонија.

Притоа нагласи дека СДСМ веќе работи на поактивен пристап, а тоа значи конкретни решенија и иницијативи за деблокирање на процесот.

„Во финална фаза е подготовката на резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и за граѓаните. Со оваа резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на кој било начин излегуваат од преговарачката рамка“, рече Филипче.

Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности, веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка.

„Со носењето резолуција со национален консензус ќе ги потврдиме овие позиции, но и ќе изградиме заеднички став како да ги заштитиме и во домашните институции. Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и за реформите како конечно деблокирање на европскиот пат“, изјави Филипче.

Претседателот Филипче додаде дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност за напредокот на државата.

„Ова е време за политичка зрелост и за заедничка одговорност. СДСМ е подготвен да поведе со поактивен пристап и со решенија што ќе ја придвижат Македонија напред, кон Европската Унија. Македонија мора да продолжи по европскиот пат, кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

За време на посетата Филипче оствари работни средби со француските политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското собрание.