[ФОТО] Снимен моментот на нападот на Израел врз Катар, Макрон го нарече неприфатлив

Макфакс

09/09/2025

19:34

387

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон го критикуваше израелскиот напад врз Катар и го нарече неприфатлив, „без оглед на причината зад него“.

„Под никакви околности војната не треба да се прошири на целиот регион“, рече Макрон.


Претходно, израелскиот претседател Исак Херцог зборуваше за нападот врз Катар.

„Одлуката на премиерот и министерот за одбрана, заедно со врвот на ИДФ и Шин Бет, да удрат врз врвот на Хамас е важна и правилна. Да не заборавиме – Халил ал-Хаја е крволочен терорист со крвта на илјадници луѓе на рацете, еден од архитектите на масакрот на 7 октомври, како и многу негови колеги“, напиша Херцог.

Во заедничката изјава на премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац, се наведува дека, по нападите во Ерусалим и Газа, премиерот им наредил на безбедносните служби да подготват операција насочена кон раководството на Хамас.

Се додава дека попладнево се појавила оперативна можност и дека, со целосна поддршка од израелските воени лидери, Нетанјаху и Кац заедно одлучиле да го одобрат нападот. Израелската армија (ИДФ) и Шин Бет биле информирани за плановите синоќа.

Во соопштението за медиумите се истакнува дека двајцата претставници го сметаат нападот за оправдан бидејќи раководството на Хамас е одговорно за нападот на 7 октомври 2023 година и за вчерашното пукање во Ерусалим.

Порано денес, Хамас ја презеде одговорноста за пукањето во кое загинаа шест Израелци, а неколку други беа ранети.