Речиси три часа по полноќ, целосно изгоре автомобилот на претседателот на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на ЗОО Скопје, Ѓорги Галетановски – Чомбе.
Видно вознемирен, Галетановски за Точка откри детали од немилиот настан којшто го пријавил во МВР.
„Ме разбуди брат ми околу 2:50, а во позадина се слушаа силни експлозии, претпоставувам од гумите на автомобилот. Ми кажа дека ми гори БМВ-то. Веднаш се симнав долу, веќе беа стигнати екипи од Пожарна и за среќа брзо го изгасија големиот пламен којшто почна да зафаќа и други автомобили и оградата од куќата, фасадата, зградата е веднаш до колата, а има и дрво големо од 50 метри. Во моментот само тоа мислев - да не ја зафати куќата, живеат луѓе... Приземјето можеше лесно да ‘отиде’“, вели поранешниот директор на скопската Зоолошка градина.
Чомбе потенцира дека ниту во минатото, ниту сега имал закани.
„Навистина не знам кој би можел да направи таков кукавички чин. Не е важен материјалниот дел што го изгубив, само апелирав до МВР колку можат побрзо да ги фатат сторителите и да се стави веќе крај на овие палења на автомобили и вознемирувања на жителите на Скопје“, заклучува Галетановски.
Автор: Ц.Н.