Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Макфакс

09/09/2025

19:36

152

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.

Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.

На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.

Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.

Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.