Ова лето, на Ибица е отворен најголемиот ноќен клуб во Европа (а можеби и во светот) – „UNVRS“, кој може да прими околу 15.000 луѓе.
Се простира на околу 6.500 квадратни метри во близина на населбата Сант Рафаел де Са Креу на познатиот шпански остров.
„UNVRS“ (Universe) се нарекува првиот светски суперклуб – интересен концепт кој комбинира нови технологии, интерактивни уметнички инсталации, луксузен декор и богата понуда, како и настапи на познати музичари под еден покрив.
Во рамки на овој клуб ќе најдете лавиринт од различни простори за уживање во музика и танц – од главниот подиум за танцување до ВИП балконот и тоалетите. Да, дури и просторот со тоалетите е трансформиран во микроклуб наречен „Wild Comet“, каде што диџеите пуштаат музика.
Исто така, има и ресторан од познатиот шпански бренд „Vicio“, кој служи сè, од вегански до месни бургери, но и специјално јадење осмислено само за овој клуб – пржени пилешки ленти со кавијар, кои се продаваат по цена од 80 евра по порција.
Во рамките на клубот постојат барови кои служат безалкохолни и алкохолни пијалаци, а ќе треба да издвоите 18 евра за шише пиво, а околу 15 евра за шише вода.
Кога ќе почувствувате желба за свеж воздух, можете да излезете на терасата окружена со бујна вегетација, која ќе ви овозможи разговор со пријателите во мир без да го напуштите клубот.
Меѓутоа важно е да се има предвид дека „UNVRS“ има кодекс на облекување и не можете да влезете директно од плажа. Забрането е влегување во костими за капење и апостолки, со голо торзо, спортски дресови или облека што ги истакнува религиозните или идеолошките симболи.
Цените на билетите за овој суперклуб варираат во зависност од програмата – можат да се купат за 25 евра, а за настап на популарен диџеј можат да достигнат цена од 120 евра. Билетите можат да се резервираат преку официјалната веб-страница на клубот и во тој случај ќе бидат поевтини отколку на влезот.
„UVRS“ се наоѓа на местото на ноќниот клуб „Privilege“, кој ја доби титулата најголем европски клуб од Гинисовата книга на рекорди, а кој работеше од 1995 до 2020 година.