Внатре во најопасниот судир на Силиконската долина: Од партнери во „OpenAI“ до судски спорови и лични навреди

Точка

25/08/2025

15:19

576

Големина на фонт

а а а

Кога во 2015 година Илон Маск и Сем Алтман заедно го основаа „OpenAI“, изгледаше како нивната мисија е јасна – развој на вештачка интелигенција која ќе му служи на човештвото. Во тимот беа и Питер Тил, Рид Хофман и Џесика Ливингстон. „OpenAI“ тогаш беше замислен како непрофитна организација со отворен код, а Маск предупредуваше дека „AI е најголемата егзистенцијална закана“ за човештвото.

Пресвртна точка и напуштање на Маск

Клучниот пресврт дојде во 2018 година, кога Маск го напушти „OpenAI“. Официјално, потегот беше објаснет како избегнување судир на интереси поради се поголемото ангажирање на „Tesla“ во областа на вештачката интелигенција. Сепак, подоцна се откри дека Маск сакал да ја преземе контролата врз компанијата за да му конкурира на „Google“.

Кога неговиот предлог бил одбиен, тој ја повлекол финансиската поддршка. Алтман подоцна призна дека организацијата едвај преживеала без ветените средства: „Мораше да го реорганизирам својот живот и да обезбедам ново финансирање за да опстанеме“.


Растечки непријателства и отворени судири

По заминувањето, Маск стана еден од најгласните критичари на „OpenAI“. Тврди дека компанијата ја напуштила својата мисија и се претворила во „затворен, профитно ориентиран проект под контрола на Microsoft“.

Со лансирањето на "ChatGPT" кон крајот на 2022 година, кој стана глобален феномен, Маск ја обвини компанијата дека ги користела податоците од неговата платформа „X“ без дозвола. Во 2023 година отворено ја оспори транспарентноста на „OpenAI“ и изјави дека не му верува на тогашниот раководител на стратегијата, Дарио Амодеи, кога станува збор за безбедност. Истата година потпиша отворено писмо барајќи шестмесечна пауза во развојот на напредни AI системи – додека тајно работеше на основањето на сопствената компанија „xAI“, лансирана во март 2023.


Судски процеси и борба за превласт

Првиот сериозен судски процес започна во март 2024 година, кога Маск ја тужеше „OpenAI“, Сем Алтман и Грег Брокман, тврдејќи дека организацијата ги изневерила своите основачки принципи и станала „де факто подружница на Microsoft“.

Како одговор, „OpenAI“ објави мејлови кои покажуваат дека Маск во минатото ја поддржувал идејата за премин кон профитен модел, па дури предлагал соработка со „Tesla“ како извор на финансирање. Маск ја повлече тужбата непосредно пред рочиштето, но во август поднесе нова, обвинувајќи дека бил „намамен“ во основањето на „OpenAI“ со лажни ветувања.

До крајот на 2024 година ја прошири тужбата вклучувајќи го и „Microsoft“ и поранешниот член на бордот Рид Хофман, обвинувајќи ги за монопол и намерно задушување на конкуренцијата. Според неговите адвокати, „Microsoft“ и „OpenAI“ заедно контролираат „речиси 70% од пазарот на генеративна вештачка интелигенција“.


Судењето е закажано за крајот на 2025 година.

Во февруари 2025, Маск предводеше група инвеститори со понуда од 97,4 милијарди долари за преземање на „OpenAI“, тврдејќи дека сака да ја „врати компанијата на нејзината мисија“. Бордот на „OpenAI“ едногласно ја одби понудата. Алтман на „X“ одговори: „Компанијата не е на продажба, како ни нашата мисија. Но можеме да го купиме "X" за 9,74 милијарди долари ако сакаш.“


Лични навреди и јавни пресметки

Ривалството со текот на времето доби лична димензија. Маск го нарече Алтман „Scam Altman“, додека Алтман го опиша Маск како човек што „сака да го спаси светот, но само ако тој биде тој што ќе го спаси“. Во интервју за „Bloomberg TV“ во август 2025, Алтман изјави: „Мислам дека Илон не е среќен човек. Веројатно целиот живот води од позиција на несигурност. Жал ми е за него.“

Маск возврати со критики на сметка на учеството на „OpenAI“ во американскиот проект „Stargate“ вреден 500 милијарди долари, тврдејќи дека компанијата нема обезбедени средства. Алтман одговори дека е погрешно информиран и додаде: „Разбирам дека она што е добро за земјата не е секогаш оптимално за твоите компании, но во новата улога се надевам дека ќе ја ставиш државата пред сопствените интереси.“

Тензиите се прелеаја и на трката за пазарот на "AI" четботови. Алтман индиректно го исмејуваше „Grok“ четбот, алудирајќи на „anime sex ботовите“, додека Маск во август објави скриншот од "ChatGPT" каде што го прашува кој е подоверлив – тој или Алтман.


Две визии, една трка

Денес Маск и Алтман претставуваат два спротивставени света на вештачката интелигенција. „OpenAI“ соработува со „Microsoft“, гради инфраструктурни проекти и се шири глобално, додека „xAI“ развива сопствен модел со ветување за поотворен пристап.

Нивната борба ја обликува целата индустрија и ќе покаже кој пристап ќе доминира – централизираната соработка на големите технолошки корпорации или независниот развој предводен од моќни поединци.