Северна Кореја тестираше нови ракети

Макфакс

24/08/2025

09:04

393

Големина на фонт

а а а

Северна Кореја вчера истрела два нови противвоздушни проектили за уништување на различни воздушни цели, меѓу кои дронови и крстосувачки ракети. Тестирањето на новото оружје го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Како што јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА) новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „единствена технологија“.

Тестирањето на ново оружје се одвива во време на зголемени тензии со Јужна Кореја. Официјален Сеул вчера соопшти дека на 19 август јужнокорејски војници отвориле предупредувачки оган кон припадници на севернокорејската армија, кои накратко навлегле во Демилитаризираната зона.

Исто така во регионот се одржува заедничка воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД, а за утре е предвидена средба на американскиот претседател Доналд Трамп со новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џае-мунг.