Кардиналот Матео Зупи, претседателот на италијанската бискупска конференција, пред една недела во пресрет на празникот Голема Богородица, предводел трогателно молитвено бдение на кое биле прочитани имињата на сите деца убиени во конфликтот меѓу Израел и Хамас од почетокот на војната пред две години.
Седум часа молитва за 12.227 убиени деца
За време на долгото бдение, кардиналот Зупи и десетици членови на неговата бискупија наизменично ги читале имињата и возрастите на 16 израелски деца убиени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, и 12.211 имиња на палестински деца убиени во израелската окупација на Газа до 25 јули 2025 година. Списокот со имиња од 469 страници е составен врз основа на податоци од израелската влада за израелските жртви и податоци од Министерството за здравство на Газа за палестинските жртви.
„Ги изговараме нивните имиња едно по едно“ рече Зупи на почетокот на бдението.
„Тие бараат од сите нас да се обврземе да го пронајдеме или следиме патот на мирот со поголема интелигенција и страст, почнувајќи со прекин на огнот и нудење услови за него, од ослободување на заложниците до тоа цела нација да не се држи како заложник“ рече кардиналот.
Читањето на имињата на убиените деца траеше речиси седум часа. Бдението започна попладне и траеше до вечерните часови.
Место на сеќавање на страдањата
Молитвеното бдение се одржа во паркот Монте Соле ди Марцабото, недалеку од Болоња, на место со силна симболика. Настанот се одржа во урнатините на црквата Казаља, која била запалена од нацистите за време на масакрот во кој биле убиени речиси 800 луѓе, вклучувајќи деца, помеѓу 29 септември и 5 октомври 1944 година.
„Ова е за да се сетиме, да обрнеме внимание, од ова место кое е место на страдање и кое отсекогаш било место за сеќавање на сите жртви“ нагласи Зупи.
Иницијативата ја организирала монашката заедница на Малото семејство на Благовештението, кое се грижи за зачувување на сеќавањето на нацистичкиот напад, во соработка со Школата за мир на Монте Соле.
Кардиналот Зупи, кој беше назначен од папата Франциск за мировен пратеник за Украина е познат по неговото посредништво во размената на заложници меѓу Русија и Украина и се сметаше за потенцијален кандидат за папство за време на конклавата на која беше избран Лав XIV.